„Власта залудно ги користи механизмите на уцени и притисоци, штрајкот на СОНК беше најавуван два месеци пред да се случи. Владата доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот. Така немаше да има прекин во образовниот процес и немаше да биде на штета на децата. Доколку владата навистина сакаше образованието да биде организиран и постојан процес на унапредување, немаше да го претвори во ресор на експерименти“, рече Митева.
Таа нагласи дека СДСМ и ДУИ ги активираа сите можни ресурси во обид да го прекинат штрајкот и дека изјавите на поединци од Владата се во спротивност со законите во Македонија.
„Владата треба да биде свесна дека штрајкот е уставно право на работниците. Министерот Шаќири и Владата во овој момент продолжуваат да бидат најголемиот прекршувач на правата на работниците и наместо да упатуваат закани кон наставниот кадар, треба да упатат решение и да ги поддржат нивните барања. Во овој случај, не станува збор за барање за зголемување на правата, туку правата на наставниците се тотално прекршени! И конечно, наставниот кадар праќа силна порака дека и тие се најзначајниот чинител во општеството“, рече Митева.
Таа рече дека наставниците се истрајни и дека обидите на Владата за кршење на штрајкот не успеваат.
„И доколку се сериозни во изјавите дека наставата е приоритет, тогаш итно треба да ги прифатат барањата на наставниците. Состојбата е итна и неодложна, наместо притисоци и закани, покачете ги платите на наставниците и ставете крај на прекинот на наставата“, порача портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.






