сабота, 6 декември 2025

Мирјана Најчевска: Амбасадорот Коп ги надмина овластувањата и не лоцира вина кај ДУИ и Бугарија

Холандскиот амбасадор ги надмина своите овластувања и се меша во внатрешните работи на Македонија, оцени професорката Мирјана Најчевска кусо коментирајќи ги вчера изнесените остри ставови на амбасадорот Дирк Јан Коп, кој вината за бавниот евроинтеграциски пат на Македонија ја лоцира кај македонската власт 

Објавено на

часот

Сподели

Најчевска преку Фејсбук упати свој коментар на изјавите на Коп.

„Прво, холандскиот амбасадор ги надминува своите овластувања и се меша во внатрешните работи на државата.

Второ, во ниту еден момент не ја спомнува ДУИ како носител на континуитетот во криминалот и корупцијата.

Трето, со пасивниот однос кон Бугарија и нивните бесмислени барања, заедно со другите амбасадори отвори простор за дефокусирање на вниманието на граѓаните од реформите и концентрација околу наметнати уставни промени“, вели Најчевска.

Холандскиот амбасадор вчера ја искористи Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“, од која упати остри зборови за македонските политичари оценувајќи дека ништо вредно и конкретно не презеле на планот на евроинтеграцијата освен што бараат изговори и лоцираат вина и кај самите членки на ЕУ. Особено како шлаканица и кон актуелната и кон претходната власт прозвучи оваа негова изјава:

„Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“

Освен тоа, Коп посебен дел во своето обраќање посвети на корупцијата и судството, како и кон последиците од изменетиот Кривичен законик, па ќе се послужи и со латинска поговорка, : „Правдата нека се изврши дури и небото да пропаѓа“. Овие зборови, рече, се вградени во западната култура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ