Во чест на загинатите припадници постар водник Роберт Петковски, водник Бобан Трајковски, водник Миле Јаневски и водник Игор Костески, венци со свежо цвеќе положија и припадници од баталјонот за специјални сили, командите на единиците на Армијата, поранешни припадници на баталјонот за специјални намени и членови на семејствата на загинатите припадници на Армијата.
Пред присутните се обрати командантот на баталјонот на специјални сили потполковник Оливер Зариоски кој изрази длабока почит кон припадниците на баталјонот кои ги загубија животите пред 21 година во Вејце.
„Роберт, Бобан, Миле и Игор, имаа визија и цел, борејќи се за посветла иднина покажаа морални вредности кои сме должни да ги чуваме, надградуваме и почитуваме“, рече Зариоски.
Министерката Петовска на Фејсбук напиша: „Почит и незаборав за Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески, четворицата припадници на Баталјонот за специјални сили при Армијата, кои на денешен ден – 28 април 2001 година трагично загинаа во Вејце.
Со поклонување пред спомен обележјето во нивна чест во касарната ‘Илинден’ во Скопје, спомнуваме за жртвата на припадниците на Армијата и на припадниците од составот на МВР, што нѐ обврзува да си ја сакаме и чуваме татковината. Да се грижиме за нивните семејства и колеги, за сите припадници на безбедносните сили, како што тие се грижат за нас.
Споменот нѐ учи заедно и единствени да ја градиме иднината, во мир и соживот. Слава им и вечен спомен“.

Во Вејце загинаа Роберт Петковски (27) од скопско Бунарџик, Игор Костески (26) од Кисела Вода, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Марјан Божиновски (27) од битолско Горно Оризари, Илче Стојановски (24) од битолско Породин, Бошко Најдовски (25) од битолско Долно Оризари и Кире Костадиновски (24) од битолско Горно Оризари.






