сабота, 13 декември 2025

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи зголемување на платите во јавниот сектор, за наставниците речиси двојно повисоки плати

Објавено на

часот

Сподели

На денешната прес-конференција тој рече дека не се завршува работата со едноставно зголемување на минималната плата, туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложенос на работната сила.

„И тука не треба посебни формули туку почитување на веќе договореното, на веќе постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се на сила. Каква е таа социјална правда кога владата не ги почитува сопствените колективни договори. Бараме износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите, каде основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата“, изјави Мицкоски.

Тој објаснуваше симулација за платите, бодовите и коефициентите во градинките, во основните и средните училишта.

„Во моментот перачка – пегларка да речеме, садомијач – сервирка, помошник во кујна има 269 бодови, и има минимална плата од нешто повеќе од 15.000 денари и сега таа според колективниот договор би требало да изнесува нешто повеќе од 18.600 денари.

Сите останати плати кои што предлагаме со закон да се нивелираат согласно колективниот договор.

Во основните училишта, ако започнеме со општ работник кој што има коефициент еден и досега имал минимална плата 15.200 денари сега ќе има 18.000 денари. Тогаш соодветно надолу и хигиеничар, и перачка, сервирка, садомијач, ложач, ракувач на парни котли, возач и така натаму, па се до наставник приправник и наставник платите ќе бидат зголемени односно наставник приправник наместо досегашните 22.764 денари според амандманот кој го предлагаме, а согласно колективниот договор кој што го имаат потпишано со синдикатот и коефициентот на сложеност на тоа работно место треба да изнесува 41.256 денари нето.

Исто така и за наставник кој што има коефициент 2.503, кој што досега има нето плата од 24.782 денари и согласно амандманот што ние го предлагаме да се усогласи со колективниот договор би требало да има нето плата од 45.054 денари.

Истото тоа го предлагаме и за средните училишта односно професорите наместо сегашните 25.838 денари нето плата би требало да земаат според предлогот кој што ние го даваме 45.594 денари“, објаснуваше Мицкоски.

За ова побара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност и порача Владата да има поголемо чувство за потребите на граѓаните, како и дека „треба да се симнат розовите очила и да престане да се фали со она во што никој не верува дека тука тече мед и млеко“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ