„Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој, е исклучиво со една цел – дефокус на јавноста од оние кои што денеска со десетици милиони евра купуваат имот во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред седум, осум, девет години. Второ, на тој начин се продолжува со негирање на македонскиот идентитет, затоа што на тој начин се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои што имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет.
Можеби е добро од тука, од оваа прес конференција, заедно со камерите да појдете на споменикот од Слупчане и да прашате таму во Слупчане кој ја дал дозволата за градба, кој го финансирал и како е финансиран, и го охрабрувам истиот тој обвинител да отвори една таква предистрага, нека се охрабри, барем предистрага. Или, можеби сакате да одиме до Зајас или можеби сакате да отидеме до Колари или сакате уште во неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби, и каде што има основано сомневање за еден можеби поспектакуларен случај од овој кој што служи исклучиво за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои што денеска ја имаат за жал заробено Македонија“, рече Мицкоски за време на посетата на Општина Кисела Вода и средбата со градоначалникот Орце Ѓоргиевски.
Мицкоски рече дека за кратко време „овој народ што го гледате тука, но и оној што не го гледате, што е или дома или на своите работни места, масовно ќе излезе на следните избори и на сите овие криминалци во политиката ќе им порача дека е време за Идризово.

Како одговор на новинарско прашање, Мицкоски упати совет до лидерот на ДУИ Али Ахмети и искажа мислење дека неговата кариера може да заврши со обвинение за криминал.
„Довербата во партизираното и октроирано обвинителство и судство најдобро го кажуваат јавните мерења, а довербата е некаде околу шест, седум, осум проценти максимум. Зошто е тоа така, затоа што имаме обвинител со ‘семејни’ фотографии, знаете на кого мислам, на обвинителот кој што пред неколку месеци беше избран за обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. На онаа слика која што е во јавноста позната, гледате како еден човек му стои над глава, знаете точно кој е човекот и знаете од кое семејство е тој човек, а знаете, пак, кој е актуелен последно време поради купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Станува збор директно на семејството на Али Ахмети и тоа е суштината и тој човек кој што себе си се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него ќе заврши како човек што ќе биде длабоко вплеткан во криминал. Но за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро и би го советувал да престане на овој начин да го вплеткува сопственото семејство. Имаше шанса голема, но како одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса туку и е пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, истакна Мицкоски.






