вторник, 9 декември 2025
Изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски се срами од срамот на лицата – семејни стебла на СДСМ и ДУИ, кои фигурираат како експерти за уставни измени

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски вели дека ништо не очекува од оваа група, туку дека неговите очекувања се да не успее првиот чекор во Парламентот, а тоа е отпочнување на постапката и утврдување на потребата за отворање на Уставот. 

„Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала и потоа кривична одговорност за оние коишто ќе земаат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е беспредметна, така што можам да кажам – еве, го повикувам Ковачевски да не биде кукавица и веднаш да ја достави иницијативата до парламентот и пратениците да го дадат својот став по тоа прашање“, рече Мицкоски по промоцијата на книгата „Дали е социјализмот можен“ од Александар Грличков во Социјалистичката партија на Македонија.

Мицкоски рече дека го потврдува тоа што претходно го кажал и претседателот на социјалистите дека коалицијата За обнова на Македонија која што во парламентот брои 44 пратеника нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот.

„Час поскоро да ја затвориме оваа тема, имаме поважни работи – не крадат при здрави очи, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книги, дајте тоа да зборуваме. Ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која што ќе биде поразена, а јас ќе повторам за ова ќе има одговорност. Повторно ќе кажам, не знам колку сериозно не разбираат, но за ова ќе има одговорност“, рече Мицкоски. 

Во врска со договорот за коридорите 8 и 10д тој истакна дека не сатанува збор дека е тоа историски проект, туку „должничко ропство во кое Владата на ДУИ и СДСМ ја туркаат државата“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања поврзани со конзорциумот Бехјтел и Енка.

„Ова е историска ‘пљачка’ и должничко ропство во кое што Владата на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер СДСМ ја турка Македонија. Тоа е многу важно. Тоа треба цела јавност да го знае, затоа што оние 1,3 милијарда, нема да бидат 1,3, туку многу лесно ќе дојдат можеби повеќе од двојно од таа сума, затоа што ние во текот на вчерашниот ден кажавме дека преку свиркачи добивме верзија на договорот и тие свиркачи тврдат дека е онаа верзија која што ја потпишала Владата со компаниите изведувачи“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема „апсолутно ништо против компаниите коишто успеале вака да сработат еден договор со Владата“, но, според него, проблемот е во Владата која што, нагласи, ја става Македонија во подредена улога.

„Лага е дека мнозинството работници ќе бидат од Македонија. Не е точно. Работниците од Македонија ќе бидат малцинство и тие дали ќе успеат да ги најдат, тоа е под еден. Под два, објавивме документи коишто се содржани во договорот, со кои се бара, иако се свесни дека е антиуставно, продолжување на работната недела од 40 на 60 работни часови. Исто така, објавивме дека потпишале договор во којшто при евентуален спор не е важечко македонското законодавство, туку е важечко некое друго законодавство во случајот на Англија и Велс, кое што по самата своја суштина е различно. Македонското законодавство спаѓа во групата на т.н. континентални закони, додека пак, законодавството на Англија и Велс спаѓа во групата на англосаксонски модели на закони – сосема поинаков е пристапот. Нема деманти. Ова е неверојатно нешто што се случува. Нема од Владата демант или потврда дали е ова така“, рече Мицкоски.

Тој тврди дека компанијата изведувач ќе проектира, а граѓаните ќе го плаќаат тоа што ќе биде погрешно преку ЈПДП.

Мицкоски најави дека во периодот што следува ВМРО-ДПМНЕ ќе објавува детали во јавноста „од оваа верзија на договорот“, што им е доставена од свиркачи и за која тврди дека е потпишаната. 

„Ќе се занимаваме и со цените, но и со оние цени коишто во договорот се ставени како дека допрва ќе се дефинираат и ние имаме основано сомневање дека тоа најмалку двојно ќе го зголеми буџетот којшто претходно Димитар Ковачевски и останатите околу него го презентираа во јавноста. За ова ќе има одговорност“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ