сабота, 7 март 2026

Мицкоски: Ковачевски не е во коалиција со народот, туку со Бугарија

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, политика која што кај нас веќе е жестоко поразена од народот, рече Христијан Мицкоски при своето денешно обраќање на регионалниот отчет на градоначалниците во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ”.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса се и македонскиот јазик, историјата и постоењето на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст.

„И во таква една ситуација пресметката на заевизмот и Ковачевски како негов најистурен експонент е одбегнување на национално единство што ќе ги штити црвените линии, постигнување на договор со Бугарија за чие неприфаќање единствено ќе биде посочено со прст за виновно ВМРО-ДПМНЕ, а тоа во јавноста лажно ќе се престави дека е решение кое доколку е отфрлено вие сте против ЕУ, а доколку нормално се прифати тоа предавство кое што го подготвува заевизмот и неговиот слеп послушник, тогаш сте за ЕУ. Независно што едното со друго нема никаква врска и тоа што оваа кнедла која се подготвува во кујните на заевизмот ќе биде идентитетски разорна за постоењето на нашиот народ и држава“, рече Мицкоски.

Според него, и одбивањето да се прифати носење на декларација во Собранието за „титанот Гоце Делчев“ е доказ дека Ковачевски е во страв да не му се налути Софија.

Мицкоски рече дека сепак подава рака за заеднички ставови и битка за државните интереси.

Тој како катастрофална ја оцени економската политика на Владата.

„Живеачката станува тешка, главниот удар врз народот се инфлацијата, ниските плати, а високите цени на производи. И сите оние од власта кои велеа дека покачувањето на цената на струјата било симболично и дека го спасиле народот од огромно покачување, и затоа треба да бидат среќни и задоволни од постојното, нека ги прашаат домаќинствата, нека ги прашаат граѓаните кои ја добија сметката за струја за последниот месец. Ако плаќале 8 илјади денари минатиот месец, овој месец таа изнесува повеќе од 14 илјади денари. Ако плаќале 6 илјади денари, таа сега е повеќе 9 илјади денари“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Според него, не е во прашање само струјата за домаќинствата, туку негрижата на владата затоа што е можно покачување и на цената на водата, која е во директна зависност со цената на струјата. Тој оцени дека Владата не прави ништо, а дека глуми преговори со здруженија и симулира социјален и економски дијалог.

„Во исто време власта во Собранието директно ги одбива предлозите за покачување на пензиите на пензионерите, платите на наставниците и останатите вработени во јавниот сектор. Во Собранието се расправа за измени на законот за наставници, закон кој не предвидува зголемување на платите туку давање на можноста за нова партизација, во исто време кога пред некој ден го одбија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите и нивниот раст, правеа обид за повторна партизација на образованието“, рече Мицкоски и ја повикува Владата да го прифати покачувањето на пензиите и платите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ