Имајќи предвид дека цените на многу производи, но и на електричната енергија се зголемени, од гопема важност е да им се помогне на пензионерите за да им се зачува стандардот, изјави Мицевски информирајќи дека денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Македонија поднесе предлог за законски измени по скратена постапка со кои се регулира дека пензионерите од април ќе добиваат повисоки пензии за 20 проценти.
Мицевски нагласи дека треба да се обезбеди зголемување на старосната пензија, но и на сите останати видови пензии.
„Имаме генерациска должност да се грижиме и да ги почитуваме повозрасните граѓани кои во еден период принесувале за државата со својот труд, за што треба да им бидеме благодарни. Доколку не постои зголемување на пензиите, пензионерите ќе бидат доведени до работ на сиромаштијата“, рече координаторот на пратеничката група.
Тој апелира до парламентарното мнозинство да го поддржи овој предлог закон и едногласно да се донесат законските измени за повисоки пензии, како што тоа беше сторено за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари.






