„Не мислам дека нашиот коалициски партнер не бојкотира. Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту, пак, може да ги испорача директно од џеб. Тоа коешто го видовме помеѓу двата круга од нашиот коалициски партнер во Скопје, од водството на нашиот коалициски партнер, е една чесна заложба за Орце Ѓоргиевски како кандидат тогашен, а сега веќе градоначалник на Градот Скопје. Факт е дека гласачите коишто гласаа за Вреди не излегоа и не го поддржаа Орце Ѓоргиевски. Претпоставувам тоа била таква одлука на гласачите, и тоа е што е“, рече Мицкоски.
Тој негираше дека тоа ќе се одрази врз функционирањето на коалицијата.
На новинарско прашање дали веќе од утре ќе се збијат редовите со коалициските партнери со цел да се испорачаат резултати, Мицкоски одговори дека победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јасна порака од народот дека по тој правец се гради иднината.
„Победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и вредностите што таа ги претстави пред граѓаните, за кои се залага и за коишто работи, е јасна и недвосмислена порака од народот дека само по тој правец се гради иднината. И тоа го потврдија гласовите и во Брвеница и во Кичево, но и во другите мултиетнички општини. И тука ние немаме никаква дилема. Тоа го потврдија и најголемиот дел од кандидатите за градоначалници, сега веќе градоначалници од нашите коалициски партнери во Владата и коалицијата Вреди, но и политичката партија ЗНАМ“, рече Мицкоски.
Тој порача дека тие кои не застанале зад тие вредности, ќе бидат разрешени од позициите во Владата.
„Тие коишто не застанаа позади тие вредности, како што беше оној кандидат во Брвеница, се поразени. И сега ќе бидат разрешени од таа позиција што ја имаат во Владата. Жалам што се обидоа во една мултиетничка земја да играат на таа кревка карта. И жалам што ме доведоа во ситуација да мора пред многумина од меѓународната заедница да објаснувам како е тоа можно луѓе коишто се дел од оваа владина коалиција да водат таква една безочна кампања. Затоа се тие поразени и ќе бидат испратени во минатото и нека останат да тонат во своето политичко мочуриште, а ние продолжуваме да работиме за нашата заедничка мултиетничка Македонија, Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците. И да, секој оној којшто работи спротивно од овие принципи, ќе му се заблагодариме од Владата“, рече Мицкоски.






