четврток, 26 февруари 2026

Мицкоски: Го разбирам незадоволството на граѓаните за случајот Груби, големите одлуки се носат во тишина

Го разбирам незадоволството на граѓаните и ги поддржувам. А за нападите од опозицијата за некаков договор, само едно прашање – зошто би се договарал со некој кој жестоко ме напаѓаше, коментираше за ТВ Сител Христијан Мицкоски, македонскиот премиер, за случајот со Артан Груби и реакциите од јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

„Ја следам дебатата овие 2-3 дена околу случајот Груби. Тоа што можам да го слушнам и прочитам и на социјалните медиуми, но и оние пораки кои до мене стигнуваат е дека граѓаните со право е револтирани граѓани, во нивната колективната меморија сѐ уште се оние слики од минатото кога се нарачуваа судски процеси, кога луѓе се ставаа во притвор, па се вадеа по потреба… Се сеќавате за уставните измени како луѓе преку ноќ се ослободуваа за да влезат во Парламент и да гласаат. Нема да ги коментирам сите оние снимки кои се појавуваа во јавноста како одредени високи функционери на претходната влада нарачуваат судски процеси во Врховниот суд и во другите судови, така што апсолутно ги разбирам граѓаните и ги поддржувам“, вели премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека втората група се оние прокси ботови на опозицијата коишто се обидуваат на оправданиот револт на граѓаните да се качат, да го засилуваат и да јаваат и тоа не може да се оправда.

„Тука тие најчесто обвинуваат со тезата дека постои договор меѓу Владата и Груби. Сега ајде објективно да го изанализираме, затоа што едно е политика, а друго е реалност. Најпрвин, се сеќавате како водеа кампања дека владата го пуштила Груби да избега, потоа кога тој се појави на граничниот премин Блаце водеа кампања дека Владата ја спасува ДУИ, за да на крај кога обвинителството и судот одредија мерка куќен притвор, велат дека ова е по налог на пактот што го склучила Владата со Груби. Јас бев единствениот кој лично од Груби беше најмногу напаѓан во минатото. Јас сум единствениот кој од високи официјални лица на ДУИ во минатото и денеска лично сум напаѓан и со ниски страсти и со лаги и со конструкции, најдиректно, најбрутално… Која е  логиката јас да склучувам пактови со лица како Артан Груби и сличните за да тие добијат помали мерки на претпазливост“, изјави премиерот Мицкоски.

Воедно, тој прашува дали можеби кај оваа група на ботови и прокси структури на СДСМ работи Фројд, односно потсвеста, па тоа што тие го правеле во минатото мислат дека го прави оваа влада сега.

Во однос на одлуката на обвинителството и судот премиерот Мицкоски нагласи дека многу пати досега ги коментирал и обвинителството и судството и неговиот став за нив е непроменет, додека она за кое кажал дека ќе го прифати, без разлика дали се согласува или не, се одлуките на Уставниот суд.

Мицкоски рече дека побарал објаснување од МВР и АНБ зошто би бил загрозен Артан Груби во затвор и дека тоа се класифицирани, строго доверливи документи до кои нема пристап директорот на затворот „Скопје“, кој изјави дека не би била загрозена безбедноста на Груби.

„Таква е одлуката сега, но тоа не значи дека куќниот притвор нема да биде заменет со ефективен. Лицето е обезбедено, мерките ги одредува обвинителството и судството врз основа на факти и тие имаат таква одлука“, рече Мицкоски.

Тој рече дека „ќе го држи за збор Венко Филипче“ за она што вчера го кажал на ТВ Сител за наводно постоење политички договор со ДУИ.

Според него, Филипче е исплашен од исказите на Груби, но „ќе дојде момент на соочување со правдата, па потоа да не биде дека има политички реваншизам“.

„Кога ќе дојде до тој момент, а имам такво чувство дека до тоа ќе дојде, да не биде после политички реваншизам или нешто друго. Да не биде после тоа како за модуларната ‘јас не сум виновен’, како од едно во друго министерство се движи тој проект, па како се случува… Да не биде дека еве некој политички му се реваншира. Тоа е суштината кај СДСМ и нивните прокси ботови, исплашени се од тоа што ќе следува… Свесен сум дека овие растурени пердуви ќе остават лузна на мене и нa мојата политика, но крајната цел е важна, пораката и денеска им ја кажав – големите одлуки се носат во тишина“, рече Мицкоски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ