„Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира“, рече Маричиќ.
Тој, како што соопштија од СЕП, пред присутните истакнал дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.
„Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија“, изјави Маричиќ.
Според него, тоа не е во интерес на проевропските влади, како нашата, туку тоа е во полза на оние кои го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна, а одолговлекувањето и одложувањето на одлуките не дадоа ништо позитивно и дека веќе неодложно е обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.
„Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен“, рече Маричиќ.






