Група на новинари, фоторепортери и сниматели утрово повторно беа попречени да известуваат за настан на скопскиот аеродром од страна на службите за обезбедување, нагласуваат новинарските организации.
„Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) сметаат дека е неприфатлив ваквиот третман на медиумските екипи кои притоа беа уредно поканети и акредитирани за проследување на настанот. Потребно е да се сфати дека тие се таму на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа. Од друга страна, владините сниматели и службеници за медиуми не смеат да имаат привилигиран статус, бидејќи на тој начин стануваат конкуренција на медиумите, а тоа може да го наруши и правото на информирање на граѓаните“, се вели во реацијата.
Двете новинарски организации потсетуваат дека домашните медиуми за овој настан имале добиено уредна покана од Министерство за транспорт и врски.
„Потсетуваме дека ова не е прв ваков случај на скопскиот аеродром, каде пред извесно време на настан поврзан со пристигнувањето на бегалци од Авганистан владини службеници снимаа видеа и ги емитуваа на социјални мрежи додека новинарските беа дистанцирани и попречени да ја работат својата работа“, ѝ се порачува на Владата.






