Македонското Министерство за надворешни работи, веднаш по објавувањето на деталите за овој случај, во медиумите оценет како скандалозен, му го поништи дипломатскиот пасош на Миленкоски и не даде никаква друга помош за притворениот македонски државјанин.
Миленкоски беше осомничен за вмешаност во авионска евакуација на македонскиот бизнисмен Бранислав Димитријевиќ осомничен за кривични дела во Ерменија, поврзани со повеќе високи ерменски функционери при изградба на авто-патишта. Извлекувањето на бизнисменот било извршено на 1-ви октомври 2019-та година, кога според ерменското обвинителство четворица македонски државјани од кои тројца со дипломатски пасош со авион го извлекле Димитријевиќ од Ереван кој при бегството користел туѓ пасош.
Ерменските власти барале негова испорака, но Апелацискиот суд во Ниш утврдил дека во потерницата не бил приложен ниту еден доказ и дена не било потврдено основаното сомневање.
Ерменија распиша потерници по вкупно тројца македонски граѓани од кои двајца се дипломати, а еден поранешен дипломат во МНР.
„Додека бев во притвор во Врање, бев информиран дека случајот предизвикал голем интерес во македонската јавност и дека дел од медиумите изнеле невистини и шпекулации“, изјави Миленкоски во интервју за Слободен печат.
„Се пишувало дека сум виновен, дека сум имал финансиска корист од пренесување лице од Ерменија, спомнувале брат на претседател или премиер на Ерменија, ја замешале Австрија, некакви финансиски малверзации во Детроит, па дека сум се степал во Чикаго, сум го познавал Мијалков, сум го познавал братот на македонскиот претседател, сум имал и друго државјанство, имот во Бугарија и во Грција и други небулози. Одговорно тврдам дека ништо од тоа не е точно, но сето тоа ми нанесе голема штета и новинарите треба да бидат свесни за тоа. Поминавме низ тежок период и јас и моето семејство, а можеше да има и уште потешки последици. И самиот сум голем поборник на слободата на медиумите, но новинарите мора да бидат професионални и одговорни. Мора да се почитува презумцијата на невиност, непристрасно и објективно да се информира и да се почитува етичкиот кодекс. Наместо да се сензационалисти, медиумите треба да бидат општествено одговорни.
Слушнав дека и некои политичари се впуштиле во пишување сценарија за филм од типот на Џемс Бонд, при што посебно се истакнал еден за кого верувам дека, по ова, никој нема да го сфаќа сериозно, а веројатно и од неговата партија ќе се замислат дали да му дадат простор да каже нешто во име на партијата. Би сакал да им порачам јавно на некоја од телевизиите да направиме полиграфски тест. Се надевам дека и нивната совест е чиста. За жал, лагата е како птица, а вистината како желка. Лагите многу брзо се раширија, беше направена голема штета.
Се надевам дека медиумите ќе објават деманти на исто место, во исти термини како кога се пласираа лажните информации, а вистината за моето ослободување ќе биде исто така третирана во јавноста како навредите и клеветите при задржувањето во Србија.
Тоа што ми се случи мене е поединечен случај и веројатно за поголемиот дел од јавноста и не е толку важен. Поважно е да се разјасни за, во иднина, ваква неправда да не им се случува на други невини луѓе. Не смееме да заборавиме дека ова што ми се случи мене може да му се случи секому“, вели Миленкоски во интервјуто за Слободен печат.






