Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина со препорака за придружување на Македонија кон сите одлуки на ЕУ за овој вид на рестриктивни мерки.
„Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување“, соопшти владината прес-служба.
Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.
Таргетираните мерки, како што стои во соопштението, се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.
На денешната седница Владата ја разгледала и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина. Министерството за надворешни работи е задолжено да ги прибере барањата на сите македонски државјани и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во земјава, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.
Македонија се придружува кон санкциите на ЕУ против Русија

Објавено на
часот





