понеделник, 22 декември 2025

Македонија го одложи испраќањето на новиот амбасадор во Москва, објави Османи

Објавено на

часот

Сподели

„Ние вчера донесовме одлука да го одложиме упатувањето на нашиот амбасадор во Русија кој требаше да оди на 15 март“, изјави Османи.

Според него, оваа одлука не е во политички контест, туку е поврзана со апелот на нашето МНР сите граѓани на Македонија што се наоѓаат во Русија да се вратат, бидејќи може да се случи наскоро да не можат да го сторат тоа, поради забраните за летови.  Османи додаде дека имаме многу наши граѓани, студенти, бизнисмени кои се наоѓаат во Русија по разни основи.

„Таму не предвидуваме безбедносно нарушување, но тоа соопштение го пуштивме поради затворањето на воздушниот простор и со таа листа на земји што го затвораат воздушниот простор за руски компании сѐ повеќе се ограничува можноста за комерцијални летови. И затоа ги предупредивме доколку немаат некои неодложни активности да се вратат во земјата, бидејќи може да бидат во ситуација утре да не можат да најдат начин да се вратат овде“, додаде Османи.  

Во однос на 100-процентното усогласување со санкциите на ЕУ кон Русија, министерот рече дека тука не се бориме само за Украина, туку се бориме за принципите, за меѓународното право.

„Прво уште од 2014 година Албанија и Црна Гора имаа стопроцентна усогласеност на надворешната политика со таа на ЕУ, само ние имавме 95,7 заради тоа што во 2014 тогашната влада не се придружи на санкциите кон Русија после анектирањето на Крим. ЕУ од 2014 имаше континуирано воведување на мерки за да ја одврати Русија од обидите за понатамошно анектирање на суверени држави бидејќи ова веќе не е прашање на загрозување на Украина. Кога ќе воведете принцип да можете суверени држави да ги анектирате со воени средства тогаш очекувајте и на вас кога ќе ви дојде редот. И затоа тука не се бориме само за Украина, се бориме за принципите, за меѓународното право. Ние сега се одлучивме да ги воведеме тие санкции и со тоа ја усогласивме нашата надворешна политика со таа на ЕУ што е и обврска наша, меѓутоа во овој случај не беше прашање на обврска на нашиот европски пат, туку на наше убедување дека она што се случи е апсолутно недозволиво“, вели Османи.

Тој, исто така, нагласи дека е изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во конфликтот, нарекувајќи го тоа како хибридна закана.

„Поддржувајќи ја Украина, ние се поддржуваме себеси и јас сум изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во овој конфликт, обидот за деградирање на нашата позиција, иронизирање на нашата позиција, иронизирање на поддршката што ја даваме на Украина со коментари: ‘Што можете вие да поддржите, немате ништо како држава‘. Тоа може нас да ни личи дека луѓето така коментираат, но тоа е поттикнато од одредени центри што сакаат да ја нарушат довербата во нашите институции. Вчера кога беше донесена одлука за помош имаше илјадници реакции: ‘Што вие ќе дадете‘, ‘Ќе дадете играчки, бидејќи вие немате ништо‘. Тоа е целта, да се наруши довербата кај Армијата, институција во која граѓаните имаат најголема доверба. Целта е таа, за да не се слушаат нашите пораки. Тоа е хибридната закана. Мислам дека е важно сите да се бориме против дезинформациите, чија улога е да се намали улогата на државата“, рече Османи.

На прашањето дали има податок од партнерите во НАТО колку се реални нуклеарните закани од страна на рускиот претседател, Османи оцени фактот што воопшто се спомнува таа можност од страна на претседател на држава која поседува нуклеарни капацитети е загрижувачко.

„Таа реторика не смее да биде ниту дел од политичката реторика на закани. Така што состојбата е загрижувачка поради фактот што во оваа реторика и во овој јавен дискурс влегува и зборот нуклеарна закана. Внимателно ги следиме тие прашања, се надеваме дека ова прашање кое може да биде губитничко за сите и за целиот свет, воопшто да не биде дел ниту од јавната комуникација и во делот на заканите“, изјави Османи.

Неговата оценка е дека треба веднаш да се отпочне со преговорите за пристапување кон Европската Унија за да не се влоши ситуацијата во регионот.

„Алармираме за поголемо внимание овде. Ургентниот чекор е одма да се деблокира почетокот на преговори за Северна Македонија и за Албанија, за да можеме ние да помогнеме и да превенираме евентуални влошувања на приликите. Кога ние имаме наша ситуација, не можеме да придонесеме. Првата одлука за да се спречи влошувањето на ситуацијата во регионот е веднаш да се започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија“, кажа Османи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ