Претседателот Стево Пендаровски, по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, денеска положи цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“.
Цвеќе положи и делегација на Владата предводена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Како што стои во соопштението од Владата, Гоце Делчев беше инспиратор и двигател на Македонската револуционерна организација (МРО) кој постојано се залагаше за единството и заедништво кои ги препозна како движечки елементи во борбата за создавање на самостојна македонска држава.
На гробот на Делчев се поклони и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој рече дека нема ништо против заедничкото чествување со Република Бугарија на великанот на македонската револуционерна борба и идеологот на македонската независност, ако се слави големиот Македонец и македонски син Гоце Делчев.

„Ако се слави 150-годишнината од раѓањето на големиот Македонец и македонски син Гоце Делчев, немам против”, рече Мицкоски во изјава за медиумите.
Тој, понатаму додаде дека за него, Гоце Делчев преставува Македонија, а не оние кои што денеска ја водат државата и што уживаат во привилегиите, а кои не беа со македонскиот народ кога најмногу му требаа.






