недела, 21 декември 2025

Македонија денеска одбележува ден што ќе го празнуваат генерации, 2 години официјално полноправна членка на НАТО

Објавено на

часот

Сподели

По тој повод, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во својот текст на социјалните мрежи, истакнува дека пред точно две години остваривме една од стратешките цели поставени уште од осамостојувањето на државата, полноправно членство во НАТО алијансата. Две години подоцна, во екот на најголемата воена и економска криза по Втората светска војна, ја согледуваме исправноста на оваа одлука, дополнува Ковачевски. 

Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи за иднината и безбедноста, Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијален интегритет и сигурност.

„Членството во алијансата е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани. Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет, како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата”, нагласува премиерот Ковачевски во неговиот текст на социјалните мрежи.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил напиша дека две години Македонија е стабилна, безбедна и посветена НАТО членка, со што исполнува еден од најважните национални приоритети.

„Заедно со сојузниците обезбедуваме демократија, економска стабилност и раст и пред сѐ мир и меѓусебна заштита. Во овие тешки времиња на воена агресија на тлото на Европа, уште повеќе го цениме тоа што сме дел од Северноатлантската алијанса и сме свесни за разликата помеѓу припадноста и неприпадноста кон НАТО и за придобивките од сојузничкото справување со глобалните предизвици“, наведува Маричиќ.

Поранешниот премиер Зоран Заев денеска, преку својот Јејсбук профил, порача дека годишнината од членството во НАТО е момент на кој сите се сеќаваме со гордост.

„Изминавме долг пат кој го занемаривме од дента кога горди го гледавме македонското знаме како се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Ден кој е историја. Важно предание за нашите поколенија. Вредеше, мој народе! Остварувањето на вековниот сон на нашите револуционери. Обезбедувањето сигурност за сегашноста. Обезбедувањето иднина за младите. Вредеше. Да му се радуваме со гордост на овој ден“, напиша Заев.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи по повод две години од членство на земјава во НАТО нагласи дека е ова историски успех за Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет.

„На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Со тоа се реализира еден од трите стратешки приоритети на надворешната политика на земјата, околу кој беше изграден најширок политички консензус, проследен со силна поддршка од граѓаните уште во 1993 година“, соопшти Владата на официјалниот Фејсбук профил.

„Седиме на една иста маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии и заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност“, наведува Владата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети на некои недоследности во однос на сето ова. Колку е посветен СДСМ на НАТО можеме да видиме со тоа што до ден денеска ние немаме највисок воен претставник во Алијанса во Брисел, изјави денеска Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ковачки колку владата на СДСМ е посветена на НАТО може да се забележи и по тоа што македонската армија паднала за цели 12 места на светската ранг листа на Глобал фајрпауер, како и по тоа дека Владата не води грижа за војниците во делот на исхраната, парното греење и подобрувањето на основните услови за живот. Сега сме на 134 место, 6-ти отпозади на таа светска ранг листа, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ