Негирањето на македонското малцинство во Бугарија и барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, како „конститутивен” народ, од страна на источниот сосед е само отварање на пандорината кутија по ова прашање, забележува Левица и предупредува дека идентично како од крајот на 19. и почетокот на 20. век, Бугарија повторно го користи јазикот како најмоќно оружје за асимилација на Македонците, овој пат во Албанија.
Информирајќи дека бугарската фондација „Македонија” ќе отпочне со курс по бугарски книжевен јазик и литература во Албанија, Левица смета дека „ваквата политика наведува на тоа дека Бугарија се обидува и македонскиот етникум во Албанија да го претстави како свој, а токму преку оваа програма прави обид да вклучи колку може повеќе Македонци и истите да ги претстави како свое малцинство“.
„Постои реална опасност во догледно време Бугарија од Македонија да побара сопственото малцинство во Албанија да го признае како бугарско, истото барање да се претвори во предмет на преговарачката маса и истото да биде причина повеќе за вето“, предупредува партијата.
Левица упатува дека е нужно да се заштити на македонското малцинство во Бугарија и дека државата итно мора да преземе конкретни мерки за заштита на македонското малцинство во Албанија.
„Политика на агресивна асимилација повеќе не смее да се толерира, а решавање на овој проблем не смее да биде предоцна“, соопшти Левица.






