
Од Левица сметаат дека подигнатиот меморијален споменик во чест на борците на УЧК/ОНА, со намера трајно зачувување на спомените на овие личности, не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки кои мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат.
Во соопштенито за Иницијативата на Левица се наведува дека според добиените информации, комплетната постапка околу подигањето на предметниот контроверзен споменик во с. Слупчане е незаконска и не ги исполнува следниве претпоставки:
-Не содржи иницијатива од овластен предлагач;
-Собранието на РМ не донело програма за таа намена;
-Не е донесена собраниска одлука во таа насока и
-Собранието на РМ, нема именувано Одбор кој подоцна треба да го спроведе конкурсот за изработка на идеен проект за подигање на меморијален споменик.
Според партијата, настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на државата.
„Спорниот споменик се однесува на одбележување на личности кои се со Закон за амнестија (2002 година) амнестирани криминалци и терористи.
Поради тоа бараме Министерството да ги преземе сите законски дејствија и по утврдената фактичка состојба да донесе соодветни управни акти со што би санкционирале и спречиле понатамошни непочитувања и постапувања спротивни на Законот за меморијални споменици и спомен обележја“, стои во соопштението.






