Изградбата на коридорите 8 и 10д се стратегиски проект од национален интерес, за прв пат како држава се поврзуваме и кон запад и исток, покрај досегашното поврзување на линија север – југ, а од кружен тек, со изградбата на коридорите, конечно да бидеме вистинска крстосница на Балканот, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска нагласувајќи дека преку патиштата повеќе пристаништа се ставаат на располагање за македонската економија, важно за бизнисот и за развој на државатај.
Таа додаде дека се поврзуваат градовите и државата со околните држави, со Европа и со светот со модерна патна инфраструктура.
„Иако законските постапки за реализација на овој проект траат веќе 2 години, на почеток на реализацијата ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски започнаа хајка против стратешкиот проект. Нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е партијата која што секогаш блокира и се противи на секоја важна, стратешка одлука на земјава.
Со невистини, лаги и извртување на факти ВМРО-ДПМНЕ и Левица водат хајка против изградба на коридорите и против американската компанија Бехтел. Исто вака ВМРО-ДПМНЕ во заложништво на Левица се однесуваше и за Францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ и Левица вака се однесуваат и против Преспанскиот договор со којшто станевме членка на НАТО.
Буквално за секоја стратешка одлука важна за земјата ВМРО-ДПМНЕ била и е на погрешната страна. ВМРО-ДПМНЕ е партијата симбол на криминал, корупција, провизии од автопати, и од криминалниот Скопје 2014.
СДСМ нема да и дозволи на оваа режимска партија во која 30 години ништо не е променето да создаде нов хаос како со автопатот Охрид – Кичево. Станува збор за стратешки проект од национален интерес и одговорно е да се донесе одлука да се направат автопатиштата побрзо и поевтино“, рече портпаролката.