Тој потсети на реформите во судството, каде на почетокот судиите беа бирани во парламент, па имаа мандати, па потоа се премина на друго решение, и на крајот, вели, сега имаме решение во кое судиите имаат доживотен мандат, се бираат од страна на Судскиот совет, како независно, стручно тело кое има свој интегритет, и оценката за нив повторно ја даваат повторно судии од Судскиот совет. Ковачевски повтори дека тоа е тело кое само се бира, само се оценува и самото дава анализа што направило.
Од првиот ден кога станав премиер додаде тој, сметав дека такви системи често пати знаат да имаат подруга слика за себеси од тоа што има јавноста на која и служат.
„И затоа добро е што во рамките на соработката што ја имаме со ЕУ, сега ќе можат да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата. Така што, ако ме прашувате конкретно дали ја поздравувам – ја поддржувам“, вели Ковачевски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера во интервју за ТВ Телма рече дека Унијата испраќа оценска мисија во Македонија за работата на Судскиот совет, по низата скандали и превирања изминатите неколку месеци.






