Денес, кога имаме морална обврска да придонесеме кон новата Агенда за мир, не можеме, а да не ги погледнеме искуствата на старата Агенда од 1992 и почетоците на долгогодишната прва и единствена превентивна Мисија на ОН, во нашата земја, пред 30 години. Таа мисија беше најшироко оценета како успешна превентивна акција на ОН.
Основа за градењето на мирот е јакнење на довербата и превенцијата, а одговорноста за тоа е кај нас, Владите на државите членки на ОН.

Токму преку таа култура на отворен дијалог Северна Македонија 30 години подоцна е земја пример за решавање на отворени прашања и дома и со соседите.
Господине претседавач,

Неопходно е да ја засилиме довербата во нашите институции, во ОН, во правдата. Во нашата акција треба да бидеме водени пред се од принципите на Повелбата на ОН, мирното решавање на конфликтите, како и солидарноста, и од потребата од активен и постојан ангажман за намалување на страдањата, секаде каде што е тоа потребно.
За жал, денес сме многу далеку од остварувањето на таквата визија. Руската воена агресија врз Украина, која се уште трае, до таа мерка ги смени глобалните односи што итно се наметнува потребата од повторно препознавање на нашата референтна правна рамка, донесена од страна на основачите. Нивната јасна намера била избегнување на ужасите од војната.
И овој пат како и многу пати досега Република Северна Македонија цврсто застана на вистинската страна на историјата, на страната на демократскиот и слободен свет, на страната на правото на секоја земја за самоопределување.
Како рамноправен дел од тогашната Федерација која била меѓу основачите на ОН, но и како држава која пред 30 години се стекна со свое самостојно место во оваа Организација, Република Северна Македонија го крева својот глас и ја споделува крајната загриженост од кризата што ја притиска Организацијата на Обединетите Нации, но и меѓународниот правен поредок, светскиот мир и стабилност.
Новата Агенда за мир на Генералниот секретар Гутереш е шанса што треба да ја искористиме и во функција на создавање услови за многу поединствена акција, со свест за растечките ризици. Утрешниот ден ќе не праша што сме правеле денес, како што денес се прашуваме зошто не сме дејствувале вчера. Потребен ни е мир!