На средбата на која присуствувал и министерот за надворешни работи Бујар Османи „претседателот Макрон ја поздрави одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон се согласија дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ“.

Средбата со Макрон е реализирана во рамки на Глобалниот безбедносен форум Глобсек 2023 што се одржува во главниот град на Словачка, Братислава.
„Пораката на претседателот на Франција Емануел Макрон е многу јасна, тој уште еднаш ја искажа својата силна и недвосмислена поддршка дека сега е моментот Северна Македонија да ги донесе потребните одлуки, со кои ќе се обезбеди европска интеграција и европска иднина на нашата држава“, изјави премиерот Ковачевски потоа, во интервју за телевизијата Канал 5.
Претседателот Макрон, исто како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи премиерот, кажаа дека сега е моментот да се донесат потребните одлуки, кои обезбедуваат непречено интегрирање на земјата во ЕУ, бидејќи сега, посочи, „треба да се искористи геополитичкиот момент на согласноста на земјите членки на ЕУ за проширување на ЕУ со нови земји членки, а тука се мисли на нас, на Албанија и на земјите од Западен Балкан“.
На прашањето дали на таа тема има разговарано со претседателот Макрон, Ковачевски рече дека конкретно немаат разговарано, но и Макрон и Европската комисија, како што рече, „ги знаат нашите позиции дека ние сме држава која сите прашања во минатото успеала да ги реши со помош на дипломатијата“.







