„Јас таа снима ја погледнав, но се работи за некаков разговор за кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара. Затоа, од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можам да дадам конкретен одговор зашто на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува. Се слуша, но не се гледа кој со кого зборува“, одговори Ковачевски на новинарско прашање по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Откако вчера беше објавена снимката на која се гледа собраниската говорница, а се слуша глас за кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Џафери со објаснување дека неговиот однос е скандалозен и примитивен.
Од кабинетот на Џафери нема никаков коментар за она што се слуша на снимката, ниту за барањата на ВМРО-ДПМНЕ.






