„Ова прашање беше поставено за време на економско – социјалниот дијалог. Министерката за труд и социјална политика тогаш нагласи дека треба да се пријавуваат непочитувањата на законските одредби и колективните договори“, рече Ковачевски како одговор на новинарското прашање зошто државата не го почитува законот во делот на скалестото зголемување на платите во сооднос на минималната плата.
Како што се изрази премиерот, договорот за минималната плата е историски исчекор направен заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Покрај тоа што платата е зголемена на 18 илјади денари, воведена е и нова методологија која што гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот. Сега учество во зголемувањето на минималната плата со 50 проценти има порастот на цените, а 50 проценти порастот на просечната плата што имплицира на зголемување на продуктивноста на трудот, а во однос на сите други плати тие се предмет на колективно договарање. Колективното договарање се прави помеѓу социјалните партнери, во случајот гранкови синдикати, репрезентативни синдикат и соодветните институции без разлика дали се тоа државни институции и приватни институции. Ставот е дека тоа треба да биде проследено со зголемување на продуктивноста на трудот, а тоа го прифатија и синдикатите“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека имал разговори со претставници на голем број компании и оти тие сите се согласни дека платите секогаш треба да бидат следени со растот на продуктивноста на трудот.






