понеделник, 22 декември 2025

Коцарев: Држава со нелегални договори како оние со Грција и Бугарија е осудена на пропаст

Објавено на

часот

Сподели

Според првиот човек на Академијата, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот, затоа што, рече тој, „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“.

Република Македонија во 2018 година, рече Коцарев, под тоа име била призната од над 130 земји од 193 членки на Обединетите нации или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги трите суперсили Кина, Русија и САД. Преспанската спогодба не само што ги избришала тие факти, рече претседателот на Академијата, туку покажала дека „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“.

„Според мое мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили“, рече Коцарев.

Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи, како што рече, јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неоставрен сон.

Осврнувајќи се на работата на МАНУ, Коцарев рече дека Академијата во 2021 година успешно ја спровела својата обемна и богата научна и уметничка програма, при што биле заокружени 68 национални и меѓународни научноистражувачки и уметнички проекти од разни области.

Од многубројните настани што ги организирала МАНУ, тој издвои два поради особеното значење за државата – одбележувањето 30 години независност со конференцијата „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021″ и собирот за сто години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ.

„Во изминатата година и издавачката дејност на МАНУ беше импресивна: 41 издание – 11 периодични и 30 посебни изданија, што содржат вкупно над 13 илјади страници“, рече Коцарев.

Минатата година МАНУ имала  вкупни приходи од 217.101.206 денари или 3.539.340 евра, од кои 45 отсто се реализирани од основниот буџет, а 55 отсто од другите два буџета – буџетот од самофинансирачки активности и буџетот од донации.

„Притоа, би сакал да подвлечам дека повеќе од половината (55 проценти) од институционалното финансирање, МАНУ го покрива самостојно, со извршување фундаментални и применти истражувања. Ова, во споредба со други научни и/или уметнички субјекти, чие самостојно функционирање се остварува најчесто со многу помал процент, укажува на големиот углед на МАНУ во светот на науката и уметноста на глобално ниво“, истакна претседателот на Академијата.

Во работниот состав МАНУ има 34 члена, посочи Коцарев, соопштувајќи дека меѓу две годишни собранија починаа академиците Георги Старделов, Момир Поленаковиќ, Богомил Ѓузел и Радован Павловски кој почина вчера.

Потсети дека наредниот месец ќе се избираат нови членови на МАНУ, подвлекувајќи дека Академијата „има насушна потреба во своите редовни да прими повеќе врвни и со светско реноме научници и уметници”.

Тој нагласи дека е важно да не се наруши угледот и интегритетот на МАНУ и оттука, рече претседателот на Академијата, „нам не ни се потребни, од повеќе причини, членови кои прво биле дел од извршната власт, а едновремено или подоцна се стекнале со магистерски и/или докторски титули, создавајќи на тој начин сомнеж за вредноста на така стекнатите напредувања во научната сфера”. 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ