Како што информира МНР, Бон ја поздравил новата динамика на дијалогот помеѓу Скопје и Софија и изразил надеж дена во наредните недели или месеци ќе може да се отворат дискусиите за Преговарачката рамка, чие одобрување беше блокирано со бугарското вето.
„Ние ве поттикнуваме и охрабруваме во овој процес и во овие разговори. Во улогата што ја имаме како претседателство со ЕУ и членка на ЕУ, ве охрабруваме во овие дискусии и ќе бидеме на располагање целосно достапни да го поддржиме, помогнеме или да го олесниме процесот. Се надевам дека во наредните недели, во наредните месеци ќе можеме да ја надминеме оваа етапа за отворање на дискусиите околу преговарачката рамка што беше предложена пред неколку месеци бидејќи е многу важно за стабилноста и просперитетот и на регионот на Западен Балкан и на Европската Унија, воопшто. Значи, ние сме посветени, оптимисти и претпазливи бидејќи дискусиите сè уште траат. Верувам дека постои добра волја во дискусиите меѓу Софија и Скопје, но и во Европската Унија. Значи мислам дека ќе имаме добри резултати во следните недели“, вели Бон.
Маричиќ и Османи од своја страна, го информирале Бон за разговорите помеѓу новите влади во Македонија и Бугарија и изразиле надеж дека ќе донесат резултати за изнаоѓање решение.
Маричиќ изјавил дека земјава сака да ги подготви македонските институции за преговорите и дека пристапните процеси ќе траат повеќе од една деценија, но институциите мора да останат на реформскиот пат.
„Сакаме да ја прошириме нашата заложба за зајакнување на нашите институции и да ги подготвиме заедно со Европската Комисија и земјите членки, вклучувајќи ја и Франција, за зајакнување на нашите институции и нивната подготвеност за почеток на пристапните преговори. Пристапните преговори се процес кој ќе трае долго, повеќе од една деценија, но многу е важно за нас да се зачуваат нашите институции во рамката на реформските процеси, да се задржи позитивната трансформација на нашите политиките и приспособувањето кон европските политики и законодавство. Се разбира, секако да се зачува фокусот на Европската Унија кон Западен Балкан, но исто така и да се чува Западен Балкан на ’шините‘ на правилата и вредностите на Унијата“, вели Маричиќ.
Тој порача дека земјава е спремна да испорача резултати и ја очекува француската поддршка во реформите.
Османи, пак, рече дека добиле јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција, како и за подготвеноста на земјата за почеток на преговорите.
„Го информирав господинот Клеман Бон за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која очигледно покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок. Ние ги разбираме грижите на ЕУ и потребата за трансформација на Унијата и за нејзино продлабочување пред нејзиното проширување. И нашата позиција е тука јасна – ние силно ја поддржуваме Конференцијата за Иднината на Европа, особено во контекст и на новата Методологија за преговарање, која ја сметаме и за еден успешен предвесник на целиот процес“, изјави Османи.






