„Ние сме во комуникација со нашата амбасада. За жал, ситуацијата не е добра, особено во Киев. Амбасадорот и дипломатот, и двајца други граѓани, кои се во Амбасадата, поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во амбасадата. Не можат да отидат до нивните резиденции. Тие преспале во амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Имав контакти со мои колеги од регионот. Во Киев има околу 20-тина амбасадори од членки на ЕУ, кои исто така не можат да излезат. Киев е опколен, цела ноќ имало воздушни напади. Правиме аранжмани, која било земја која што ќе обезбеди прва транспорт, да ги извадиме и нашите дипломати до Полска. Меѓутоа, тие се во комуникација со нашите граѓани во Украина. Иако вчера поголемиот дел го минале во скривница, даваат патни листови. Но, и тие кои добија патни листови, не можат да излезат“, изјави Османи.
Тој додаде дека директно контактирал и со семејство со едногодишно дете, кое е во источниот дел од Украина, а неколку наши граѓани има во Одеса.
„Разговарав со министерката за надворешни работи на Бугарија, бидејќи тие имаат конзулат во Одеса, да може со нивните автобуси, со кои ќе ги преземаат нивните граѓани, да ги земат и нашите. Го поврзав доцна синоќа нашиот амбасадор со бугарскиот генерален конзул во Одеса за да ги информираат нашите граѓани каде да чекаат. Во последната комуникација која ја имав со нашиот амбасадор, тој ми кажа дека не можат да го напуштат Киев, кој е опколен“, рече Османи и изрази надеж дека во текот на денот нашите дипломати ќе можат да стигнат до Полска.
Во однос на можниот бран бегалци, Османи кажа дека никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата, но дека членки на ЕУ прават планови за бранови на бегалци. Според него, во моментов не би требало кај нас да има бран на бегалци оти сме малку подалеку од Украина, но доколку состојбата ескалира повеќе, може и тоа да се случи.






