„Чиста, брутална, јасна и јавна провокација претставуваше отворањето на тој бугарски клуб во Битола, а вие и натаму си молчите, зарем немате срам, кого мислите дека правите будала, народот знае сѐ, ја претворивте државата во територија, а сега се обидувате да ја претворите во нечија земја, Ковачевски, дали ви е јасно дека во ваше време се отвора културен центар со име на фашист во антифашистичка Македонија и сега вие, како претседател на Владата, што ќе направите со културниот центар? Барам концизно да одговорите пред да се отвори здравствен дом со името Александар Турчиев”, рече Мизрахи во своето прашање до премиерот.
„Имам во план директно да го информирам мојот бугарски колега Кирил Петков, дека како Влада, во текот на оваа година имаме намера да отвориме културен центар на Република Северна Македонија во Благоевград. Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја. И ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето”, ѝ одговори премиерот Ковачевски на пратеничката Мизрахи.
Тој потоа се осврна на, како што рече, историјатот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Ванчо Михајлов.
„Мојот став е ист и кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осуденото лице за криминал и бегалец Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист и кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и на вашата партија и вашите сопартијци во најголемиот криминален проект – Скопје 2014“, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека од формирањето на оваа Влада пристапот кон источниот сосед е односите да не бидат на наративот на национализам и популизам, туку на теми кои се свртени кон иднината и кои ќе донесат бенефит на граѓаните на двете држави, одговарајќи на прашање од Мизрахи за континуираните провокации на високи бугарски претставници и нивниот негаторски однос кон Македонците.






