Процесите за членство во ЕУ не треба да се „национализираат” и билатералните прашања не треба да се ставаат на преден план како пречка за процесите за членство, вели Кајмакчи во интервју за МИА.
„Како принцип, сметаме дека процесите за членство во ЕУ не треба да се „национализираат”и дека билатералните прашања не треба да се ставаат на преден план како пречка за процесите за членство. Турција има блиски односи и со Бугарија и со Северна Македонија, а имаме сонародници кои живеат во двете земји. Го поддржуваме процесот на дијалог воспоставен меѓу Северна Македонија и Бугарија во контекст на процесот на пристапување за членство во ЕУ и се надеваме дека двете земји ќе можат да постигнат договор. Би било корисно и за ЕУ да преземе поефикасна и поправедна улога во овој контекст и да не дозволи да се „национализира” политиката на проширување“, нагласува тој.
Според Кајмакчу, неуспехот на напредокот на процесите за членство на Македонија и на Албанија од различни причини ја поткопува довербата во ЕУ во регионот и предизвикува ЕУ да го губи својот кредибилитет. Тој нагласува дека ЕУ треба да ги преземе неопходните чекори за да ги забрза процесите за членство.
Тој се надева дека Македонија нема да ја сподели судбината на Турција која од 1999 година има статус на кандидат за членство во ЕУ.
„Турција има длабоко вкоренети историски, хуманитарни и културни врски со Балканот. Во Турција има милиони граѓани со балканско потекло. Како во Северна Македонија, така и во регионот има густо население од сродни и роднински заедници. Во тој контекст, нашата главна визија на Балканот е да ја зачуваме атмосферата на мир и стабилност и да го зголемиме просперитетот на регионот. Во согласност со оваа основна цел, нашата земја дава големо значење и работи во насока на развивање на комуникациска и транспортна инфраструктура кои се неопходни за одржлив развој во регионот, на консолидирање на економските и трговските врски на балканските земји како со Турција, така и меѓу себе врз основа на взаемна корист, како и за воспоставувањето амбиент на општествено спокојство со тоа што мирот и стабилноста ќе станат трајни. Притоа, даваме приоритет на принципите на ‘инклузивност’ и ‘преземање на регионална одговорност’.
Освен тоа, го поддржуваме членството во НАТО и ЕУ на земјите од регионот за да се обезбеди постојан мир и стабилност во регионот. Од друга страна, обидите на ЕУ за поделбата на Турција и ‘Западен Балкан’ во својата политика на проширување се непријатни за нас. Турција е составен дел на Балканот и земја кандидат за членство во ЕУ. Треба да се избегнуваат такви вештачки дистинкции што ЕУ се обидува да ги создаде“, вели Кајмакчу.
Во контекст на политиката на Анкара кон Балканот и иницијативата „Отворен Балкан“, Кајмакчу вели дека Турција ги поддржува иницијативите и проектите за соработка меѓу земјите од регионот во рамките на принципите на „инклузивност” и „регионална сопственост”, на кои им се придава важност.
„Во овој контекст, ние не сме против иницијативата ‘Отворен Балкан’. Сепак, оваа иницијатива не ја гледаме како алтернатива на ЕУ“, вели Кајмакчу.






