Во периодот од 2016 година досега, Институтот за демократија (ИДСЦС) и Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) спроведуваат национална анкета на репрезентативен примерок за прашања кои се релевантни за процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.
Повеќе од две третини од анкетираните граѓани (71%) сметаат дека Македонија не треба да направи отстапки во однос на предложените историски наративи во замена за пристапни преговори со ЕУ, додека 19,4% сметаат дека исполнувањето на овие барања треба да биде опција доколку тоа го деблокира процесот на пристапување кон ЕУ.

Анализирано според етничка припадност, јасно мнозинство од етничките Македонци (81,2%) цврсто се против ваква отстапка во однос на ова прашање, додека само 12,6% би се согласиле на исполнување на ова барање. Мнозинството етнички Албанци (50,9%) не го поддржуваат исполнувањето на овие барања дури и ако тоа го деблокира процесот на пристапување. Сепак, речиси една третина од овие испитаници (34,7%) би се согласиле на историска ревизија доколку тоа би го олеснило патот кон ЕУ.

Од аспект на партиска припадност, резултатите покажаа дека огромно мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (82,5%) не се согласуваат за решение кое ќе значи ревизија на историјата, додека 67,1% од нивните колеги од СДСМ не се согласуваат со отстапки во овој дел. Видлива е поделбата во мислењата кај симпатизерите на ДУИ. Оние за „да“ се 44% ако тоа го деблокира процесот на пристапување во ЕУ додека оние за „не“ се 40,9%. Конечно, 75,2% од оние кои не гласале на последните избори не би се согласиле со никакво ревидирање на историјата, додека само 17% позитивно одговориле на прашањето.
Можеме ли да најдеме заеднички јазик?

Едно од најмногу дискутирани бугарски барања се однесува на македонскиот јазик. Бугарската страна тврди дека македонскиот јазик е регионална варијанта на бугарскиот јазик и треба да се нарекува „официјален јазик на Република Северна Македонија“ во институциите на ЕУ. Ако се однесува на „македонскиот јазик“, со ѕвездичка треба да се додаде забелешката: „според Уставот на Северна Македонија“.
Резултатите покажуваат дека 79% од испитаниците не мислат дека Македонија треба да направи остапка во врска со јазикот. Само 12% сметаат дека ова барање треба да се исполни доколку тоа е корисно за процесот на пристапување во ЕУ. Според етничка припадност, резултатите покажуваат солидно и речиси неподелено мислење кај Македонците, каде 86,8% не се подготвени да направат отстапки за својот јазик. Ваквата отстапка е подеднакво неприфатлива за помалото мнозинство Албанци (61,4%). Ова покажува меѓуетничко прифаќање на важноста на ова прашање и цврста позиција кај двете етнички групи. Мнозинството кај Македонците веројатно укажува на тоа дека тие се чувствуваат историски и етнички повеќе поврзани со македонскиот јазик отколку Албанците.

Изминативе години во овој прашалник се забележуваа разлики меѓу поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ по прашањата поврзани со националниот идентитет. Меѓутоа, во случајот со јазикот, поддржувачите на двете партии доминантно се согласуваат дека не треба да се прават отстапки. Мнозинството симпатизери на ДУИ (54,5%) сметаат дека Македонија не треба да го исполни ова барање, додека една третина (32%) се задоволни со прифаќањето на барањата од Бугарија за јазикот. Перцепцијата дека Македонија не треба да го задоволи ова барање преовладува кај мнозинството гласачи на секоја политичка партија.
Бугарско малцинство во Македонија

Уште едно бугарско барање кое е предмет на анализа во овој документ е подготвеноста на испитаниците за отстапки во однос на статусот на бугарското малцинство во Северна Македонија како пат кон укинување на ветото. Според македонското законодавство, за промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство, односно потребен е широк консензус меѓу политичките партии. Одговорите покажуваат дека околу 64,5% од анкетираните граѓани не би се согласиле да се исполни ова барање. 22,6% се согласуваат дека овој вид на преговори може да се прифати. Важно е да се напомене дека оваа анкета е спроведена во време кога бугарската страна сè уште немала разјаснето што точно мислела со ова барање. Споредено со другите две барања, историска ревизија (71%) и јазикот (79%), резултатите од ова прашање покажуваат незначително помал процент на испитаници кои одговориле со „не“ (64.5%).
Според етничка припадност, повеќе од две третини од Македонците (73,2%) не би се согласиле да отстапат за ова барање, додека 15,5% би прифатиле доколку тоа е од корист за процесот на пристапување во ЕУ. Албанците имаат поделени мислења при што водат оние кои не би се согласиле за ова прашање (47,2%), наспроти 38% кои би се согласиле дека Македонија треба позитивно да одговори на ова барање.
Има само мали разлики меѓу симпатизерите на СДСМ (64,5%) и ВМРО-ДПМНЕ (70,5%). 41,5% од поддржувачите на ДУИ се противат на отстапки за статусот на бугарското малцинство, додека 20,5% од нив би се согласиле на оваа отстапка.
Истражувањето е од 2021 година и беше спроведено преку телефонски интервјуа во текот на ноември, преку национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, со маргинална грешка од ±3,1%.






