„Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде корегирана. Секогаш сум ги бранел и ќе ги бранам интересите на Македонија“, напиша Мијалков.
Претходно и Никола Груевски, поранешниот македонски премиер кој е во бегство, исто така напиша дека се работи за неправда.
Од вчера со одлука на американската влада Груевски и Мијалков се на листата на санкционирани лица на кои им забранет влез во земјата, како и на нивните семејства. Министерството за финансии на САД објави дека Груевски и Мијалков се ставени на листата на санкции поради корупција.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презеле акција за санкционирање на актерите во Западен Балкан за дестабилизирачки и коруптивни активности.
„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер.






