„Посебна благодарност претседателот на Владата Ковачевски изрази за силната и континуирана поддршка на Холандија, и на премиерот Руте лично, во аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Премиерот Ковачевски го информираше неговиот колега Руте дека Северна Македонија продолжува со имплементацијата на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика во дијалогот и отворената комуникација со премиерот на Република Бугарија Кирил Петков“, информира владината служба за дел од содржината на разговорот.
Премиерот Ковачевски информирал и за актуелните политички процеси дома, за справувањето со енергетската криза и, „за поддршката на Владата за ублажување на последиците од неа за граѓаните“.

Во владиното соопштение за остварениот телефонски разговор се вели и дека Руте на Ковачевски му го честитал изборот за премиер, а Ковачевски се заблагодарил за минатогодишната посета на Руте на Македонија оценувајќи дека „таа посета дополнително ја интензивираше соработката меѓу Република Северна Македонија и Холандија, која е најголем билатерален донатор на нашата земја”.






