Грковска го информирала Нефју дека на нејзина иницијатива е започната постапка за промена на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се вклучат и правните акти на САД, по што македонските институции ќе имаат можност да преземат ефикасни мерки по објавувањето на конкретни имиња на листата на санкции на САД, за што веќе наредната недела ќе заседава работната група што таа ја предводи. Исто така информирала дека во тек е и подготовка на друго законско решение, кое исто така ќе биде врзано со листата на санкции на САД, а кое ќе обезбеди, како што кажала, друг вид на конкретни санкции.

„Координаторот Нефју ги поздрави напорите на вицепремиерката Грковска за креирање на ефикасни механизми во справувањето со корупцијата. Тој упати јасна порака дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Република Северна Македонија за превенција на корупцијата, вклучително и со мерки кои овозможуваат одговорност за оние кои им штетат на граѓаните и иднината на земјата“, се вели во соопштението од кабинетот на Грковска.

Двајцата соговорници разговарале и за потребата од зајакнување на капацитетите на судскиот систем во делот на справувањето со корупцијата и организираниот криминал, при што заклучиле, како што е наведено, дека тоа треба да биде еден од стратегискките приоритети на нашата држава за наредниот период.
Средбата на Грковска со Нефју се одржала во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата.






