Говорејќи за ситуацијата со Украина и чекорите на ЕУ за поддршка на Украина и украинскиот народ, Гир и Бомгартнер на денешната прес-конференција на прашањата дали ситуацијата во Украина ќе го забрза интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ тие рекоа дека регионов останува стратешки интерес за Унијата и потсетија на заклучоците на европските лидери на состанокот во Брдо пред неколку месеци.
„Ситуацијата во Украина ја нагласува важноста на блиското партнерство со ЕУ и вредноста на Северна Македонија како членка на НАТО. Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи“, порачаа двајцата амбасадори, додавајќи дека земјава постигнала забележителен напредок.
Во однос на дијалогот со Бугарија и можноста ЕУ да се вклучи, беше речено дека треба да бидат оставени двете страни сами да дојдат до решение. „Да му дозволиме на процесот да се одвива во најдобри можни услови“, рекоа амбасадорите.
На прашањето дали е можен некаков брз пакет за членство во ЕУ во кој би биле и Македонија и Албанија и Украина откако властите од Киев го поднесоа барањето за членство, Бомгартнер одговори:
„Барањето од Киев е легитимно, украинските власти имаат право да се обратат до ЕУ, но тоа не е приоритет. Приоритет е да се изолира агресорот и да се даде поддршка на жртвите на агресијата“.
Според нив, за Украина европските лидери допрва ќе одлучуваат за следните чекори, а процедурите за секое членство се јасни и одлуките ги носат лидерите на Унијата.
Двајцата амбасадори го отфрлија пристапот на споредба на условите на Владимир Путин кон Украина со бугарските услови кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите, што често се споменува како што рекоа, на социјалните мрежи, и изјавија дека за разлика од агресорскиот пристап на Москва и нарушениот територијален интегритет на Украина, Бугарија била меѓу првите земји што ја призна Македонија и ја поддржа во НАТО, а исто така и помогна за евакуација на дваесетина македонски државјани од Украина.
– Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на ОН и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во Украина како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник“, рече Гир.
Францускиот амбасадор од своја страна, во овој контекст, истакна дека актуелната состојба покажува уште појасно отколку во минатото дека се наоѓаме во конфронтација на модели и на вредности – европскиот модел е на неупотреба на сила, затоа што решавањето на споровите не е така, затоа што се бара решение добра волја, дијалог, диполоматија.
„Ќе ве потсетам дека токму тоа ние денес го забележуваме преку овој зајакнат дијалог меѓу двата главни града што се воспостави од почетокот на годината и во тој дијалог има политички одговорни лица што се храбри, понесени од најдобрата намера и во тој контекст секој треба да се обиде, колку што е можно да биде поодговорен, а тоа значи да ги оставиме тие што преговараат меѓу себе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме“, изјави Бомгартнер.
Тој додаде дека во овој стадиум не станува збор да бараме протагонизам ниту да бараме некакви недоследни изјави, туку, вели, треба да му дозволиме на процесот којшто во очите на сите е позитивен, да може да се остварува во најдобрите можни услови.
Двајцата амбасадори денеска повторија дека најостро ја осудуваат не само воената агресија на Русија, туку и вмешаноста на Белорусија и порачаа дека Русија мора веднаш да ги прекине воените дејства и да се повлече од Украина.
Бомгартнер, во име на Француското претседателство со ЕУ, рече дека Русија брутално го крши меѓународното право и побара целосен прекин на огнот. Според него, во случајов има агресија, а агресорот е идентификуван и треба да се изолира, потоа да се поддржат жртвите на агресијата. За таа цел, според него, ЕУ финансиски го помага купувањето оружје, „па и смртоносно“ за, како што рече, херојскиот народ на Украина. Третата цел е заштита на Европа.
„Европа покажа дека не е политичко џуџе, туку силен актер. Европа стана сила која сака сопствена одбрана“, рече Бомгартнер.
Евроамбасадорот Гир пак, се заблагодари за солидарноста што Македонија ја покажува со земјите од ЕУ.
„Ја поздравувам солидарноста покажана од Северна Македонија, имајќи предвид дека земјата веднаш се усогласи со итните санкции на ЕУ против Русија со усвојување на неколку мерки и јавни ставови“, рече Гир.






