На денешната средба, како што изјавила, бугарската страна ќе се држи и до ставот да се постигне напредок и во работата на Мешовитата историска комисија по изготвувањето календар за заедничко чествување на личности од заедничката историја за кои веќе е постигната согласност, односно за Цар Самоил, за светите Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум.
„Ќе бараме и да започне процес за осовременување на наставните програми во Република Северна Македонија“, изјави Генчовска.
Таа е оптимист дека може да се постигне напредок, но потсетува дека се работи за процес кој не треба да биде врзуван со конкретни датуми и зависи од добрата волја и желбата да се постигне напредок и од двете страни.
Според неа, инцидентот со искинатите венци по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје ја „вадат“ темата за спречување на говорот на омраза како важен предуслов за решавање на проблемите. Друга тема што ја споменува е барањето од бугарска страна за рехабилитација на жртвите на, како што вели, југословенскиот комунистички режим, заради нивната бугарска самосвест. Генчовска уште додава дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува, како што тврди, „легитимното барање Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи, во нејзиниот Устав“. Според неа, човековите права се цивилизациски избор и фундаментална вредност на Унијата на кој Македонија сака да ѝ се приклучи.






