Утрово радиото „Лидер“ објави дека од извори на МВР се дознава дека Филипче имал закани по живот и дека вчера поднел барање да му биде доделено лично обезбедување.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека обезбедувањето не е дадено по барање на Филипче, туку дека е засновано на законски одредби за обезбедување на личности и објекти врз база на безбедносни проценки.
„Врз основа на тоа се определени мерки и активности“, велат од МВР.
Самиот Филипче изјави дека немал закани и дека се работи за проценка на надлежните органи, односно на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
На одлуката на АНБ попладнево реакција од ВМРО-ДПМНЕ:
„Ако нема безбедносни закани тогаш зошто му е државно обезбедување на Венко Фичипче. Добро е власта да излезе со прецизна пресметка колку ќе ги чини граѓаните безбедноста на Венко Филипче. Врз која основа му е доделено обезбедување кога самиот тој денеска за некои медиуми изјавил дека немал безбедносни закани“.
Инаку, Венко Филипче на функцијата министер за здравство беше четири години, а поголемиот дел од овој стаж го мина во време на пандемијата со ковид-19 и беше министер со најмногу настапи пред јавноста, претежно со изјави за мерки и препораки за справување со коронавирусот.
По влегувањето на Алтернатива во Владата кон крајот на минатата година, на местото на Филипче по барање на таа партија, дојде друг партиски кадар – Беким Сали, инаку стоматолог.
Филипче, се врати на својата лекарска професија и веќе има извршено неколку сериозни операции како неврохирург.






