„Од 120 мапирани и контактирани наши граѓани 80 отсто се веќе евакуирани, а останати се уште осум граѓани кои бараат евакуација и работиме на тоа. Исто така има 20-тина македонски граѓани кои не сакаат да се евакуираат“, изјави Османи.
Меѓу оние кои решиле да останат во земјата е тричлено семејство кое има возило но не сака да замине, потоа мајка со две деца кои исто така не сакаат да се евакуираат освен ако нема поголема ескалација, четири лица кои се наоѓаат во јужна Украина и се чувствуваат безбедно, три лица во Лвов и 4 лица во Запорожје кои побарале МНР да не ги контактира повеќе за евакуација.
Според Османи, македонската амбасада во Украина останува активна и тоа е и политичка порака за поддршка на Украина, но и можност да им се помогне на нашите граѓани. Македонскиот амбасадор функционира во романскиот конзулат во Украина, а од МНР смета дека прво треба да се извлече и последниот македонски граѓанин кој сака да се замине од Украина, па после ќе се носи политичка одлука дали да се повлече и амбасадорот.






