Според податоците на Бирото за јавни набавки само минатата година „Марковски компани“ победила на најмалку 19 тендери на ЕСМ вредни околу 41 милион евра. На овие тендери „Марковски компани“ требало да ангажираат помошна механизација, да извршат ископ на инвестициска откривка, да дадат услуга од градежна механизација, да спроведат високостручни машински интервенции, репарација на работни кола, ремонтни активности…Лани во декември оваа компанија добила тендер за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“за 12 месеци, значи за до декември 2022 година. На тендерот од 1 февруари „Марковски компани“ треба да „ангажира помошна механизација за потребите на рудсраката оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола) и тоа ДЕЛ 3 хидрауличен багер-гасеничар со длабинска корпа од мин. 2,2 м3 и снага на мотор од мин. 150 кw.

Во овој договор за јавна набавка на услуга пишува дека е потпишан според член 55 од Законот за јавни набавки според кој е можна постапка со преговарање без објавување оглас „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат. Околностите со кои се оправдува крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган“.
Во јуни 2020 година ЕСМ склучи договор со „Марковски компани“ за ископ на јаловина во РЕК Битола во следните 12 месеци, во вредност од 342 милиони денари или околу 5,5милиони евра. Ова беше првата јавна набавка за ангажирање на механизација за потребите на РЕК Битола откако и формално пропадна тендерот на АД ЕСМ за набавка на сопствена механизација, со што не би постоела потреба да се одлевааат милионски суми кон приватни компании.
Планот на новото раководство на АД ЕСМ за набавка на сопствена механизација брзо се заборави и се продолжи со практиката да се склучуваат вакви огромни договори со приватни компании.
Борче Марковски е сопственикот на „Марковски компани“, компанијата која последниве години редовно добива високи тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола. СДСМ како опозиска партија ја обвинуваше компанијата за блискост со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски тогаш дури ја нарече компанија блиска до тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.
На прашањето на МКД.мк до ЕСМ за зачестените „крајни итности“ на ваквите огласи ни одговорија: „Секој договор на РЕК Битола за набавка на стока или услуга под околности на крајна итност е проследен со соодветна документација (образложение) која ги исполнува критериумите предвидени во Законот за јавни набавки. Крајна итност подразбира околности кои не можеле да се предвидат дека ќе настанат, или се покажало дека потребите кои веќе биле испланирани, поради одредени околности, стануваат поголеми и потребно е итно да се пристапи кон нивна реализација, со оглед на тоашто станува збор секогаш за суштински делови од процесот за производство на електрична енергија, чие одложување ќе го запре или значајно забави производството и ќе нанесе ненадоместливи штети, и за АД ЕСМ и за потрошувачите на електрична енергија чие снабдување произлегува од електраните на АД ЕСМ.
Дополнително, покрај образложение, кон секоја набавка од крајна итност РЕК Битола предложува и известување за доброволна транспарентност, кое може да се најде на интернет страницата на Електронскиот систем за јавни набавки, заедно со сите останати документи за предметната набавка.
Во известувањето може да се најде податокот дека за секоја набавка од крајна итност РЕК Битола обезбедува конкуренција и учество на повеќе економски оператори и покрај тоа што законот дозволува во такви околности договор да се склучи по прреговори и со само еден оператор.
Таков е случајот и во конкретната јавна набавка што ја споменувате за ангажирање на помошна механизација. Образложението за крајна итност е наведено во документите кои се поставени на интернет страницата на Електронскиот систем за јавни набавки. На повикот беа поканети 5 (пет) економски оператори, од кои 4 (четири) се одзваа на поканата, по што беше спроведена и електронска аукција на која се постигнаа цени пониски од првично понудените“, ни одговорија од АД Електрани на Северна Македонија.
Сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски од 2016 година е почесен конзул на Белорусија. Компанијата е основана во 2002 година, со паричен влог од 2.500 евра, и основна дејност изградба на објекти од нискоградба.
Подемот на компанијата почнува во 2012 година кога почнува и „бербата“ на тендерите на РЕК Битола. Во 2011 година оваа година остварила приходи од 2.722.500 евра и имала 61 вработен. Во 2012 година тие бројки се удвојуваат – 4,2 милиони евра и 104 вработени. Веќе во 2013 година приходите на „Марковски компани“ се околу 11,5 милиони евра и профит од повеќе од пет милиони евра. Во периодот од 2012 година до 2017 година оваа компанија самостојно или како носител на група понудувачи, склучила четириесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 55 милиони евра, а најголемиот дел од нив со тогашна ЕЛЕМ или денешна ЕСМ.
Најголем дел од приходите на „Марковски компани“ се резултат на соработката со ЕСМ/ЕЛЕМ и работата во РЕК Битола.
Според извештаите на Центарот за граѓански комуникации, кој врши мониторинг на трошењето на јавните пари, најголемите договори склучени без оглас биле меѓу АД ЕЛЕМ со битолските фирми „Пелистер“ и „Марковски компани“ за ископ на јаглен и јаловина и набавка на механизација.
И најголемиот дел од тие договори од 2012 година до денес се потпишувани во „крајна итност“.
А.Д.






