На средбата за време на Економскиот форум Делфи во Грција, како што информира владината прес-служба, премиерот Ковачевски и заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, разговарале за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, како и справувањето и ефикасниот одговор на мерките на Владата за енергетската криза.
„Премиерот Ковачевски во разговорот со Ескобар истакна дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Ескобар ја нагласи неопходноста од максимално забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ со почеток на пристапните преговори и ја потенцираше поддршката на САД за итно изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија.
Ковачевски и Ескобар изразија согласност дека нема време за губење и дека секое натамошно одлагање на тој процес предизвикува сериозни регионални последици, го поттикнува националистичкиот наратив со што се отвора вратата за зголемено влијание на трети страни“, пишува во соопштението од средбата.
Дел од одговорите на овие ризици, како што според соопштението од Владата било речено на средбата, се содржат во иницијативата „Отворен Балкан”, која како што потенцирал Ескобар, САД целосно ја поддржува затоа што “нејзиниот концепт го помага регионалниот развој и ја забрзува европската интеграција на земјите од Западен Балкан“.
На средбата било констатирано дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.






