Во објава преку социјалните мрежи Доцевска Божиновска вели дека во пресудата пишува оти е прекршен член 5, став 4 од Европската конвенција за заштита на човековите права по повеќе основи при назаконско определување притвор, негово преиначување, негово продолжување, бројни повреди и прекршувања во текот на целата постапка…
„Поминаа 5 години… во претходната фаза од постапката, минатата година ми беше понудена спогодба. Ја одбив без размислување! Сакам правда, не пари. Голема сатисфакција ми е напишаното на тоа парче хартија, сериозна потврда за тоа што беше и е евидентно од самиот почеток дека се работи за монтиран политички процес, со ѕверски притвори, уште поѕверски воден судски процес во крајно нехумани услови и околности (рочишта секој ден во низа, по 10-12 часа, без храна и вода…), драконски изречени казни за недокажано дело.
Пресудата е печат на тоа што повеќе од 5 години го кажуваме, што засекогаш ќе се раскажува како најголема неправда во историјата на македонското правосудство и нешто што никогаш не смее да се повтори.
Во услови на 4 посто доверба во судството, кршење и непочитување на закон, Устав на дневно ниво веќе, не, не би покренувала постапка и не би чекала правда од некој што е слеп пред неа, не би чекала примена на закон, од некој што го крши и применува по нарачка од штаб.
Со оваа Пресуда од Европскиот суд за човекови права (каде нема Кацарски/Русковски аршини) една битка е добиена, продолжуваме понатаму да ги биеме битките, ќе следат и други вакви пресуди за другите обвинети и осудени, продолжуваме до конечна победа и до конечна слобода на неправедно осудените уставобранители“, вели Доцевска-Божиновска.
Таа во 2017 година беше вработена во кабинетот на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, а беше притворена на 30 ноември.
Претходно била во куќен притвор. Обвинителството се жалело, одлуката таа ја добила утредента, откако претходниот ден судот донел одлука. Нејзината жалба била разгледана на 12 декември и одбиена, по што поднела нова жалба што била разгледана во средината на јануари идната година, а одлуката повторно била негативна.
Судот во Стразбур ја прифатил нејзината жалба заради тоа што Доцевска Божиновска немала можност да одговори на жалбата на Обвинителството, но и затоа што судот одолговлекува по однос на нејзините жалби.
Доцевска-Божиновска беше една од 33-те обвинети лица. Кон крајот на 2018 година беше опфатена со делумната амнестија за обвинетите за 27 април.
Фото: Фејсбук