
„Македонија како мала земја која што апсолутно не е дел од проблемот, не може да биде дел од решението, но ќе мора добро да внимава на својата безбедност, на раздвижувањето во регионот, да следи кои лица ќе се придружат на едната или на другата страна, кои структури ќе ја поддржуваат едната или другата страна. Генерално не станува збор за директна закана по безбедноста на нашата држава, туку повеќе за второстепена опасноста којашто може да предизвика одредени тензии“, вели Дујовски во изјава за МКД.мк.
Тој објаснува дека второстепена опасност значи дека директно нема да бидеме изложени на воени дејствија, но во наредниот период ќе бидат уште позасилени службите кои што работат овде и ги има и се забележуваат долго време, без оглед дали се официјални и неофицијални, формални и неформални, во смисла на контролирање на наративот и на лажните и на вистинските вести во државата.
„Тоа значи дека треба ако досега сме биле будни со две очи отсега да отвораме четири очи, која од тие служби какви информации пласира“, додава Дујовски.
Професорот притоа потсетува дека во изминативе пет години, посебно по промената на власта и пред нашето членство во НАТО, изложени сме на силен удар од лажни вести кои што се генерираат од провајдери со седиште во Русија.
„Затоа велам, да, постои ризик по нашата безбедност кој не е директен, и нема да бидеме изложени на воени дејствија, но сигурно може да се предизвика некаква нестабилност заради можноста денеска да се војува на безброј начини“, објаснува тој.
Кога зборува за отворање четири очи, вели дека тоа значи да се контролира состојбата, да се следат вестите, да се даваат правилни и прецизни информации, да не нѝ се случува социјалните мрежи да бидат преплавени со непостоечки изјави.
„Во таа смисла мора да следиме сѐ. Како се известува за ситуацијата, како се развиваат настаните, да не се создава паника кај населението, туку да се кажуваат јасни и отворени пораки. Ние ниту сме дел од проблемот, ниту можеме да бидеме дел од решението“, вели Дујовски.
На забелешката дека е многу тешко да се бориш против лажните вести, одговара дека „ние како држава немаме организиран пристап како држава“.
„Се очекува како држава да го заздравиме системот за борба против лажните вести. Факт е дека во Европа, ако не сме најзагрозени, сме едни од последните во смисла на сензибилност на лагата и вистината, посебно во електронските медиуми. Но, немаме регулиран простор, а Владата за жал не направи ништо да го промени тоа“, ни изјави професорот.
Неговиот заклучок е дека директна закана по нас не постои и доколку се случи отворен судир ние нема да бидеме дел од сето тоа во прво време, но „да се надеваме дека нема до таа мера да ескалира за да се вклучат други држави“. Регионален судир помеѓу Украина и Русија е можен, тој е веројатен и во прво време никој не би се вклучил, но важно е, вели, како што е и во воената практика и теорија, да се одржи што е можно подолго време ситуацијата на една права линија на ескалација на судирот.
„И доколку дојде до отворен судир таму и ако тоа продолжи во неколку недели или неколку месеци со ист интензитет ќе се остави простор политичката страна да си ја заврши својата обврска, да не биде да одлучуваат само безбедносните сили зашто за месец дена се знае што можат тие да направат“, додава Дујовски.
Во оваа фаза тој не очекува политички последици врз Македонија бидејќи „ние сме членка на НАТО и имаме стабилна власт.
„Мислам дека тука и власта и опозицијата немаат различни позиции. Ние дефинитивно сме дел од западниот свет освен некои периферни сили во Македонија кои се можеби повеќе загреани да навиваат за една од страните, ние генерално сме да речам, фер набљудувачи на сѐ што се случува таму. Очекувам дека политичката состојба кај нас нема да биде ставена под предизвик. Не ги поврзувам на таков начин регионалната, во овој случај меѓународната безбедност со политичката сцена кај нас“, вели професорот Дујовски.
Ж.П.Б.






