Анализата на ДКСК покажа дека кај еден независен кандидат, 11 невработени лица уплатиле околу 630 илјади денари. За 54 уплати во износ од 1.834.000 денари не постојат податоци за лицата кои ги уплатиле, а 48 донатори уплатиле над 4,2 милиони денари во поединечни износи, за кои постои сомневање дека немаат толку големи месечни приходи.
За една коалиција пак, 18 донатори уплатиле над 1.680.000 денари, за кои антикорупционерите се сомневаат дека немаат толку големи месечни примања. Четири невработени лица уплатиле 244 илјади денари на сметка на истата коалиција.
Во извештајот на Комисијата се наведува и дека ДУИ има пријавено ненаплатени трошоци од четири милиони денари, Интегра има ненаплатени 457 илјади денари, а независната кандидатка и актуелна градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска за фејсбук-реклами потрошила 210 илјади денари од сопствени средства кои не се пријавени.
За забележаните недоследности во финансирањето на изборната кампања, Антикорупциска побарала асистенција од Управата за финансиско разузнавање
ДКСК вчера го разгледа и усвои Извештајот за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања иденеска ќе го достави до Собранието, а потоа ќе биде објавен и на веб-страницата на Комисијата.
Од буџетот за 2020 година се исплатени 3,247 милиони евра кон 49 партии.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека согласно законската обврска тие ги следеле сите случувања и неправилности во текот на изборниот процес, од денот на распишување на изборите до изборот на градоначалници.
„Извештајот изобилува со разновидни анализи кои се надевам ќе помогнат во изнаоѓање јасни и недвосмислени законски одредби кои нема да остават простор за однесување без интегритет“, рече Ивановска.
ДКСК, преку електронски пристап до трансакциските сметки во изминатите две години на дневна основа, ги следи сите приходи и трансфери на средства на политичките партии.
Согласно оваа анализа, од Буџетот на државата во 2020 година за 59 партии се одобрени средства за редовно работење, а исплатени се кон 49 партии во износ од 3,247 милиони евра, додека за 2021 година за 57 партии се одобрени средства, а исплатени се на 45 во износ од 2,34 милиони евра.
Катица Николовска, член на ДКСК, посочи дека податоците за транспарентноста на финансирањето на политичките партии се поразителни.
„Овие состојби укажуваат дека политичките партии на секои избори се борат да добијат поголем број претставници било во парламентот или во општински совети, со цел доминација во креирањето политики и носењето закони и одлуки, но први не ги почитуваат обврските кои сами ги носат. Ова говори за големата нетранспаретност на политичките партии кон јавноста за своето работење. На овој начин на јавноста ѝ е скратена можноста за навремено информирање со колку средства располагаат партиите и од каде ги обезбедуваат и што е најважно за што ги трошат“, изјави Николовска.






