Делегација на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој беше придружуван од министерката за одбрана Славјанка Петровска, од министерот за локална самоуправа Горан Милевски и од заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија венец пред споменикот „Ослободители на Скопје” во дворот на Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

„Положувањето цвеќе на споменикот ‘Ослободители на Скопје’ е дел од пригодните активности во чест на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, како за оддавање почит на сите кои учествуваа во поразот на фашизмот во Втората светска војна, како и на сите оние кои учествуваа во изградбата на Европската Унија“, соопшти Владата.

Венци цвеќе на споменикот „Ослободите на Скопје” положија и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, Делегација на претседателот на Македонија, Делегација на Собранието на Македонија, на Армијата, на дипломатски кор, како и на политички партии и други општествени граѓански организации.
Руската амбасада соопшти дека амбасадорот Сергеј Баздникин, придружуван од почесниот конзул на Русија во Битола Сергеј Самсоненко како и делегациjа на „Лукоил“ положиле цвеќе на меморијалниот споменик „Матка.

„Им оддадовме почит на храброста и пожртвуваноста на дванаестемина борци од Првиот баталјон на 12-тата Скопска ударна бригада, меѓу кои беа еден русин и еден италијанец, кои загинаа во одбрана на браната ‘Матка’ на 12 и 13 ноември 1944 година, а со тоа го одбранија и Скопје од катастрофалните последици од рушењето на браната“, пишува во соопштението на Амбасадата на Русија.






