Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.
Авторите на изложбата, како што соопшти Државниот архив, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од селото Баница преку Софија, до главниот град на современата македонска држава, Скопје.

На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.
Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава.






