Пандов рече дека Декларацијата е базирана на одредбите на Уставот за сувереноста на државата и суверенитетот кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и ги потенцирајќи темелните вредности на уставниот поредок како основните слободи и права на граѓаните, владеење на правото и еднаквоста на граѓаните, на уставната преамбула и историските одлуки со кои граѓаните на Република Македонија ја конституираа Република Македонија како држава во која се воспостави и зацврсти владеењето на правото и ќе се гарантираат човековите права и граѓанските слободи.
Пандов рече дека со Декларацијата изјавуваат дека ќе ја продолжат борбата за правда и слообода и исправање на неправдата за, како што нагласи, осудените лица со драконски судски пресуди донесени по јавно познатите политички обвиненија и лажни сведочења за настаните од 27 април 2017 година.
Тој наброја што содржи Декларацијата:
„Физичкото насилство извршено од неорганизирани поединци го осудуваме, но не за ‘тероризам’, бидејќи таков објективно и фактички немаше – за разлика од судско обвинителскиот терор со злоупотреба на моќ и монтирани процеси, кој е очигледно за секој чесен и објективен граѓанин на Македонија.
2. Осудените во овие политички процеси се жигосани без докази за делото за кое се осудени, со цел да се сее страв меѓу граѓаните и да се остваруваат политички цели, а не правда и правдина. Потсетуваме дека луѓето кои физички го овозможија влезот во Собранието на 27 април 2017 година се на слобода истргувана на познат начин, а креаторите на пеколни планови се далеку од познати.
3. Го потенцираме ставот на бројни и врвни независни еминентни правници во Македонија, но и надвор од неа на реномирани универзитети и државни институции во земјите на ЕУ и пошироко, кои на специфичен начин го коментирале правниот настан и дури и носеле одлуки во врска со истиот, квалификувајќи го како политички, а не како правен процес. Истовремено и најголемите светски демократии во слични и полоши околности од оние на 27 април 2017 во Македонија не настапувале со политички конструкти како ‘тероризам’, туку својот суд го мереле единствено на фактичките докази и на фер и темелна неселективна судска постапка.
4. Ги повикуваме последните инстанции во Македонија кои може да донесат правична одлука, да го следат правото и да ги поништат осудителните одлуки на судовите во прв и втор степен, базирани на политички обвинителен акт и врз лажни искази и сведочења, без никакви суштински и вистински докази за непостоечкиот тероризам.
5. Декларацијата ќе се достави до претседателот на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претставници на меѓународната заедница“.
Пандов го прочита и образложението во Декларацијата:
„Настаните на 27 април пред и по отворањето на вратите на Собранието го променија текот по кој се движи македонската држава. Применувањето на политичка сила и судско-обвинителскиот терор преку еклатантни монтирани процеси, подигрување со правото и уништување на човечки судбини, потпомогнато од хајките на медиумските лакеи кои ‘произведуваа и бркаа вештерки’, оставија трајна дамка врз организираноста на државата, многу поголема од физичкото насилство кое никој не го поддржува.
Општеството има потреба од помирување и објективно согледување на настаните. Македонија мора реално да расчисти со случувањата на 27 април 2017 за никогаш да не и се повторат. Истото е можно единствено преку спроведување на вистинска правда, а не политички нарачки кај обвинителите и судиите кои и слугуваат на власта, а не на граѓаните и интересите на државата.
Оваа декларација има за цел да биде гласот на секој објективен и чесен граѓанин на Република Македонија кој не трпи неправди, ја сака својата држава и се бори секојдневно за почит на нејзиното минато, подобра сегашност и перспектива во иднината. Да живее Македонија“!
На новинарското прашање што очекуваат да предизвика Декларацијата, Пандов рече дека очекуваат Врховниот суд како последна судска инстанца да ги поништи пресудите и судењето да го врати од почеток. Пандов при тоа додаде дека уставобранителите не сакаат милост, туку правда зашто патриотизмот, како што нагласи, не е тероризам.






