На Меѓународниот аеродром Скопје утрово во 9.40 часот пристигна авионот од Софија на авиокомпанијата „Гуливер”, со што е реализиран првиот лет кој директно ги поврза главните градови на Македонија и Бугарија
Со авионот во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и од неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и туроператори од двете држави. Предвидено е да се разгледаат можностите и да се дефинираат деталите околу идното сообраќање на авиолинијата, која би требало да стане редовна идниот месец.
Авионското поврзување меѓу Скопје и Софија е договорено на 18 јануари помеѓу новите премиери на Македонија и Бугарија Димитар Ковачевски и Кирил Петков, откако иницијативата ја даде Петков кој по стапувањето на функцијата изјави дека е шокиран од фактот дека меѓу двете земји нема редовна авионска линија.
Инаку, ова не е нов обид за поврзување на двата главни градови. Пред 15-тина години имаше обиди да се воспостави редовна авионска линија, но потоа беше укината поради економска неисплатливост.
Инаку, меѓу Македонија и Бугарија нема ниту железничка линија ниту пак автопат.






