сабота, 6 декември 2025

Димитров: Не делам памет, но решение е можно ако Софија и Скопје разговараат како рамноправни страни

Објавено на

часот

Сподели

Димитров кој беше премиер во времето кога Бугарија ја призна независноста на Македонија, во интервју за БГНЕС објаснува дека историјата е важна и дека отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Според него, различните аргументи остануваат регионално затворени, а во нашиот регион, се чини дека не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Историјата, додава, е многу важна, но разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.

„Проблемите и напрегања не можат да нема, но тие се измазнуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд“, вели на крајот на интервјуто Димитров.

Тој додава дека во проблемите меѓу Бугарија и Македонија не е продуктивно да се бараат паралели со Австрија и Германија или со Англија и САД.

„Македонија е сложена земја, како што се гледа од Охридскиот рамковен договор. Но, има и други примери. И покрај историските врски, Валонците не се нарекуваат Французи. Повеќето Фламанци се лутат ако им кажете дека зборуваат холандски. Никој не прашува зошто во центарот на Брисел има споменик на Егмонт и Хорн, а уште помалку која е нивната националност. Но, претпоставувам дека има и злобни и вулгарни објави на Фејсбук“, коментира Димитров.

Тој потсетува дека на 15 јануари 1992 година на Народното собрание му ја соопштил одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија. На прашањето која била главната причина за признавањето на независноста на земјава пред 30 години, тој објасни дека прашањето не било дали да се признае Македонија, туку кога и како.

„Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нас нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв“,

објасни тој.

Другата причина, не помалку важна за брзање, како што вели, Димитров, било тоа што не сакал да ја разгори националистичката реторика во Бугарија.

„Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветски сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз. Не можевме да си дозволиме да ја пропуштиме можноста да се декларираме како една од земјите кои навистина се стремат кон европските и евроатлантските интеграции“,

нагласува Димитров.

Запрашан кој бил предводник во оваа историска одлука, актуелниот бугарски уставен судија вели дека според Уставот, само Владата можела да одлучува за признавањето, додека парламентот и претседателот немале такви овластувања.

„Во оваа ситуација, претседателот Желев, иако начелно се согласи со признавањето, беше претпазлив. Откако ја донесовме одлуката, некои од министрите почнаа да се двоумат. Се разбира, многумина ме поддржаа, но тоа беше единствена одговорност на премиерот“, рече тој.

Во однос на меѓународната реакција и онаа на соседните земји, Димитров потсети дека Германија веќе ги признала Словенија и Хрватска, а Турција и САД, веднаш по Бугарија, ја признале Македонија. Потсетува дека Европа не можела да ја признае Македонија поради Грција, но сепак британското претседателство испратило набљудувачка мисија на границата, на што, како што вели, најмногу инсистирале бугарските власти.

„Би сакал да го цитирам британскиот амбасадор Ричард Томас. Кога сè уште ја истражувавме позицијата на нашите главни партнери во очекување на одлуката на Бадентеровата комисија, тој рече: ‘Ако ја признаете, ние, се разбира, нема да ве поддржиме. Ако не ја признаете, ние едноставно нема да ве разбереме.’ Се чини дека не сите во нашите краишта разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка“, додава Димитров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ