Во изјава за медиумите тој рече дека ставот што неговата матична партија ДУИ го имала за време на кризата во Украина во 2014 година е непроменет и актуелен и денес.
„Ставот на Собранието и на државата е дека Украина има свој територијален суверенитет и треба да се почитува од сите. Иако воените дејствија ескалираат, приоритет треба да има дијалогот, преговорите и разговорите, сѐ додека се исцрпат сите инстанци. На Украина ѝ припаѓа правото да може да има право на соодветен одговор како и секоја суверена земја“, изјави Џафери, коментирајќи ги воените дејствија од Русија врз Украина.
Тој додаде дека нема разлики меѓу ставот на Република Северна Македонија и западниот свет – ЕУ, САД, и сите сили кои, како што кажа, мислат дека е несоодветен начинот на кој е постапено во Украина.
„Советот за безбедност на ОН имаше свој став, меѓународната заедница треба да ги спроведе истите ставови. Ситуацијата е таква каква што е, ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме. Ова е прашање посебно за економските импликации и соодветните институции треба да преземат соодветни и превентивни мерки за да се надминат можни негативни економски влијанија“, изјави Џафери.






