По нецел час од почетното собирање на плоштадот „Скендербег“ демонстрантите пристигнаа пред зграда на Делегацијата на ЕУ, претходно поминувајќи без запирање по булеварот пред зградата на Владата. Освен по некое исвиркување и погрден збор, немаше никакви инциденти или разгорување на атмосферата додека се минуваше покрај Владата.

Мирно и без инциденти протестниот марш ја помина планираната рута и ја оствари целта своето барање да го достави до ЕУ. Пред Мисијата на ЕУ беа истакнати плакати и на англиски јазик од кои се побара Брисел да се заложи за правна држава во Македонија, како и за истрага на неколку судски случаи кои завршија со пресуди, меѓу кои „Алфа“, „Монструм“ и други. Беше прочитано протестното барање за слобода на сите, според демонстрантите, невини Албанци и учество на правни експерти од странство во анализа на судските процеси и пресуди.

„Еднаш за секогаш треба да бидат затворени овие судски случаи, да дојде правдата, и сите заедно во оваа земја да живееме мирно и со доверба во системот“, изјави Нагип Јонузи, претставник на демонстрантите. Тој оцени дека зад демократија се кријат криминални структури во власта и во правосудството и дека продолжува дискриминацијата на Албанците во правниот систем.
„Бараме професионална експертиза со учество на видни странски правници кои непристрасно ќе ги анализираат судските процеси за кои со години изразуваме незадоволство и сомнеж во пресудите“, рече Јонузи.
Тој побара да се истражат причините за смртта на Реџаил Ќерими, меѓу другото и со прегледување на надзорни камери како во затворот, така и на патот кон Државната клиника имајќи предвид дека официјално е речено дека смртта настапила на пат кон болница.
На собирот говореше и роднина на еден од осудените лица во случајот „Монструм“, кој побара и овој случај да биде повторен.
„И во времето на Слободан Милошевиќ имаше судски процеси, но монтирани, на крајот тој заврши во Хаг, затоа предупредуваме нашите власти, обвинители и судии да поведат сметка како се однесуваат кон правдата“, рече Бедри Ајдари.
Поводот за протестот беше, според демонстрантите, сомнителните околности на смртта на Реџаил Ќерими на 27 јануари во затворот „Идризово“, каде издржуваше доживотна затвоска казна за случајот „Алфа“. Во 2008 година во вооружен напад пред Природно математичкиот факултет во Скопје беше убиен полицаец Албанец, припадник на единциата „Алфа“, а двајца негови колеги Македонци беа ранети. Ќерими и уште двајца други Албанци беа осудени на доживотен затвор, а едно лице на девет години затвор.

Демонстрантите, но и партиите на Албанците сметаат дека овој случај е монитран, а дека осудените се невини. Алтернатива кон крајот на минатата година како услов за влез во владата, меѓу другите барања наведе Владата да побара меѓународни правни експерти да анализираат неколку судски случаи и пресуди, за кои меѓу Албанците постои сомнеж дека се политички монтирани и дека се осудени невини лица.
П.Џамбазоски






